На поранешниот американски претседател Џо Бајден му е дијагностицирана агресивна форма на рак на простата која се проширила на неговите коски, соопшти вчера неговиот кабинет.
„Ракот на простата е многу честа болест“, вели д-р Џамин Брамбхат, уролог и хирург во „Орландо Хелт“ и доцент на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Централна Флорида, кој не е вклучен во третманот на Бајден, пишува Си-ен-ен.
„Како што старееме, повеќето мажи ќе имаат клетки на рак во своите тела.“
Ракот на простата се проценува со таканаречениот Глисонов скор, базиран на изгледот на клетките под микроскоп. Глисоновиот резултат од 9 „укажува најагресивната форма на рак на простата“, објасни д-р Бенџамин Дејвис, професор по уролошка онкологија на Медицинскиот центар на Универзитетот во Питсбург, кој исто така не е вклучен во случајот на Бајден.
Бајден го помина викендот во својот дом во Вилмингтон, Делавер. Си-ен-ен побара информации за тоа каде се лекува.
Загриженоста за возраста и здравјето на Бајден го придружуваше поранешниот претседател, најстариот во историјата на САД, во текот на целиот негов мандат, а се интензивираше по неговиот слаб настап во дебатата со Доналд Трамп.
Бајден беше подложен на лекарски преглед во воената болница „Волтер Рид“, а неговиот лекар, Кевин О’Конор, во тоа време изјави дека „нема нови причини за загриженост“ и дека претседателот е „способен да ги извршува своите должности“.
Во новата книга од новинарот на Си-ен-ен, Џејк Тапер, и Алекс Томпсон од „Аксиос“, се наведува дека помошниците на Бајден забележале знаци на негово слабеење дури и пред дебатата што заврши со неговото повлекување од претседателската трка три недели подоцна.
Авторите тврдат дека помошниците приватно размислувале дали на Бајден ќе му треба инвалидска количка за време на вториот мандат и дека тој не ја препознал филмската ѕвезда Џорџ Клуни на добротворна вечера во јуни 2024 година.
Бајден во голема мера се повлече од јавноста откако ја напушти Белата куќа, но неодамна повторно почна да учествува на јавни настани.
Претходно овој месец, тој се појави со сопругата Џил Бајден во емисијата „The View“ на Еј-би-си, каде што ги отфрли тврдењата за когнитивен пад во последната година од функцијата. „Тие грешат. Нема докази за тоа“, рече Бајден.
Поранешната прва дама додаде: „Луѓето што ги напишаа тие книги не беа во Белата куќа со нас и не видоа колку напорно работеше Џо секој ден. Тој стануваше, работеше цел ден, а навечер, додека јас бев во кревет и читав книга, тој сè уште беше на телефон, проучувајќи извештаи и соработувајќи со помошниците“.
„Ракот на Бајден е неизлечив, но има добри вести“
Иако метастатскиот рак на простата не е излечив, експертите истакнуваат дека може ефикасно да се контролира со современи хормонски терапии и хемотерапија, кои значително го продолжија животот на пациентите во последните години.
Ракот е лична тема за Бајден, чиј син Бо почина од рак на мозокот во 2015 година. Како потпретседател во 2016 година, тој ја предводеше иницијативата на Белата куќа за борба против ракот, а во 2022 година, како претседател, го обнови проектот „Cancer Moonshot“ со цел намалување на смртните случаи од рак за најмалку 50% во следните 25 години.
Текстот Што велат лекарите за ракот на простата на Бајден е превземен од МАКФАКС.