Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека договорот за ставање крај на војната во Украина не треба да му се наметнува на Киев, откако американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор се согласи да ги отвори преговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

„Следната најважна задача е да се осигураме дека мирот не е наметнат никому“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц за „Политико“.

Тој нагласи дека на Украина треба да и се остави доволно простор за развој и по прекинот на огнот. Ова важи и за воените сили.

„Украина мора да има силна армија, поголема од пред војната, а таа армија мора да биде опремена и со западно оружје“, рече канцеларот.

АФП пренесува дека Шолц во интервјуто нагласил дека трансатлантското единство мора „секогаш да биде загарантирано“.

Шолц додаде дека исто така не треба да има конечно решение без согласност на САД и ја истакна улогата на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Разговорите што ги имав со американскиот претседател и разговорите на моите советници со советниците на Доналд Трамп одат во насока на надеж и очекување дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече Шолц.

Канцеларот во исто време ја отфрли можноста за испраќање германски војници во Украина во овој момент.

„Сите знаат дека тоа сега не доаѓа предвид“, рече тој.

Во оваа фаза „не е јасно под кои услови Украина би била подготвена да се согласи на мировен договор“, рече Шолц.

Текстот Шолц: Следната задача е да се осигура дека нема наметнат мир за Украина е превземен од МАКФАКС.