Шест клучни поенти од мировниот самит во Швајцарија: Зошто праведен мир за Украина значи и мир за светот

ЏАБИР ДЕРАЛА

Глобалниот мировен самит за мир за Украина што се одржа во Швајцарија 15-16 јуни, има големо значење најмалку по шест основи.

Пред сѐ, од Самитот произлезе заедничко коминике со поддршка од високите претставници и лидери од 80 држави во светот. Кои се шесте клучни поенти од овој Самит?

1. МЕЃУНАРОДНО ПРАВО: Државниците од целиот свет инсистираат на почитување на меѓународното право, во прв ред, Повелбата на Обединетите нации и резолуциите A/RES/ES-11/1и A/RES/ES-11/6. Ова инсистирање на основните меѓународни правни документи укажува на тоа дек Русија ги прегази фундаментите врз кои почива светскиот поредок по Втората светска војна. Меѓународното право мора да се врати, а тоа може да се постигне само со постигнување и воспоставување на траен и праведен мир за Украина, но и одговорност на Путин и неговата клика за бруталната агресија, воените злосторства и уништувањето невидено од крајот на Втората светска војна наваму.

2. ГЛОБАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ: Учесниците на Самитот за мир се согласни околу фактот дека руската агресија „продолжува да предизвикува големи човечки страдања и уништување и да создава ризици и кризи со глобални последици за светот“. Сите ставови изнесени за време на Самитот за мир, како и во документот што го поддржаа 80 од 100 земји што учествуваа, неизбежно се однесуваат на целиот свет, а не само на Украина.

3. ТЕРИТОРИЈАЛЕН ИНТЕГРИТЕТ: Најважната определба околу која се согласуваат државните лидери од 80 земји што го поддржаа Заедничкото коминике е таа што упатува на почитување на „територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава, принципите на суверенитет, независност и територијален интегритет на сите држави, вклучително и Украина, во нивните меѓународно признати граници, вклучувајќи ги територијалните води“. Со ова се истакнува принципот на неповредливост на меѓународно признатите граници на Украина, што значи и териториите окупирани од Руската Федерација во 2014 година. Тоа е една од најважните точки на Формулата за мир на украинскиот претседател Зеленски.

Учествуваа претставници од 100 држави во светот. Беше усвоено заедничко коминике кое се совпаѓа со главните поенти на Формулата за мир на украинскиот претседател Зеленски. Пораките од Самитот се јасни и недвосмислени.

4. НУКЛЕАРНА ЗАКАНА: Светот уште еднаш ја согледува огромната опасност од злоупотребата на нуклеарните постројки како закана за нуклеарната безбедност на светот. Имајќи предвид дека руските агресори во текот на целата војна уценуваат и се закануваат со безбедноста на најголемата европска атомска централа во Запорижжија, оваа закана е повеќе од реална и се однесува на нуклеарната безбедност на цела Европа, па и пошироко. Во одговор на руските закани со нуклеарно оружје, учесниците на мировниот самит рекоа дека се неприфатливи. Токму така, нуклеарната закана од Москва е неприфатлива за 80 држави во светот. Треба да им се упати прашање на тие што изостанаа со поддршка на заедничкото коминике, како и оние што не учествуваа на Самитот воопшто: Дали ги сметаат руските нуклеарни закани за прифатливи и како тоа им го објаснуваат во јавноста во тие земји.

5. РАЗОРУЖУВАЊЕ НА ХРАНАТА: Украина е една од најголемите светски житници. Светот веќе трета година сведочи за руската воена агресија и окупација, постојано бомбардирање на цивилна инфраструктура, блокада и напади врз цивилните морски пристаништа и другите транспортни рути, како и напади врз комерцијалните бродови за транспорт на житните култури. За бесрамното крадење на украинското жито што го спроведуваат руските агресори на окупираните подрачја и да не говориме. Украина се соочува со катастрофални последици од вооружувањето на храната уште од самиот почеток на инвазијата во 2014 година, но тоа светот не успеа да го согледа до почетокот на целосната инвазија во 2022 година. Но тоа е веќе минато. Светот ги отвори очите. На Самитот, оваа ситуација се констатира и се оценува како неприфатлива. Наспроти вооружување на храната, светот тргнува во акција за нејзино разоружување.

6. ВРАЌАЊЕ НА КИДНАПИРАНИТЕ ДЕЦА И ЗАРОБЕНИЦИТЕ: Речиси 20.000 украински деца се киднапирани и депортирани во Русија и во окупираните територии. Само 388 деца се вратени досега, но и тоа е доволно да согледа ужасот на оваа геноцидна операција што ја спроведува Кремљ. Сведоштвата на вратените деца го обиколија светот, а Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин и неговата истомисленичка, детскиот омбудсман, Марија Алексеевна Лвова-Белова. На 8 декември 2023 година се одржа Инаугуративна средба на меѓународната коалиција на држави во акција за враќање на украинските деца депортирани од рускиот агресор. ЦИВИЛ беше меѓу првите во светот што објави вести од овој настан. Истото се однесува и на воените заробеници, како и на сите цивили кои се незаконски приведени и депортирани. Сите мора да бидат вратени во Украина.

Најважно од сѐ – сите аспекти на војната и сите аргументи за праведен мир за Украина, значат и мир за светот.

На крајот, важно е да се разбере дека, наспроти обидите за дискредитација и намалување на значењето на овој меѓународен политички и дипломатски настан, и квази анализите за тоа дека не учествувале некои клучни актери на глобалната сцена, фактите го говорат спротивното. Учествуваа претставници од 100 држави во светот. Беше усвоено заедничко коминике кое се совпаѓа со главните поенти на Формулата за мир на украинскиот претседател Зеленски. Пораките од Самитот се јасни и недвосмислени.

И најважно од сѐ – сите аспекти на војната и сите аргументи за праведен мир за Украина, значат и мир за светот. Без праведен мир за Украина, меѓународниот правен поредок ќе биде уништен, а со тоа и стабилноста и мирот на сите земји во светот, многукратно ќе се зголемат нуклеарните закани, а светската економија ќе доживее тешки потреси од кои најмногу ќе страдаат сиромашните и земјите во развој. Големи и моќни држави што се одметнале или ги злоупотребуваат меѓународните институции, како што тоа го прави Русија, ќе се однесуваат разбојнички, ќе го уништуваат или ограбуваат националното богатство на помалите земји, и ќе сеат терор низ светот. Одговор на сето тоа се Формулата за мир на Зеленски и решителната акција на светот.

Останува лидерите што беа на Самитот за мир да ги одржат своите ветувања, а на оние што не беа, да објаснат пред својата јавност и пред историјата – зошто не го сториле тоа.


Текстот е личен став на Авторот CIVIL TODAY