Таа човечка љубов е безгранична, кога семејствата се одлучија на едно човечно дело и подарија живот некому кому му претстоеше краток период на живеење, рече денеска д-р Маја Мојсова Мијовска, национална координаторка за трансплантација на органи и ткива, по повод Европскиот ден на органодонорството кое се одбележа во Македонија.
Денеска се одржа настан за подигнување на свесноста за значењето на донирањето на органи и ткива, како и донирањето на коскена срцевина како начин на лекување и спасување човечки животи. Настанот е посветен на сите семејства кои донираа органи од своите блиски, како и на донаторите на коскена срцевина.
По тој повод министерот за здравство Венко Филипче, д-р Мојсова Мијовска и директорката на Клиниката за хематологија др Ирина Пановска Ставридис направија ретроспектива на спроведените активности на полето на трансплантацијата во изминатите две години и се освраа на значењето на трансплантација во земјава.
Ние сметаме дека семејствата се нашата најголема кампања. Кога ќе се слушне нивниот глас толку силно, сметам дека допира до сите вас . Ние сме едно големо семејство со кои правиме голем исчекор во солидарноста, во љубовта и во благородноста на човечкиот живот, рече д-р Мојсова Мијовска.
Министерот за здравство Филипче се заблагодари на семејствата на донорите и го истакна значењето на трансплантацијата во земјава.
Во екот на кризата со ковид во мај минатата година видиме една шанса, едно семејство кое што се согласи да дарува срце и други органи за трансплантација. Благодарение на нив, првпат беше изведена мултиорганска кадаверична трансплантација во нашата земја. Колегите лекари најдоа дополнителен ентузијазам и желба да направат нешто што и инаку и без ковид криза е комплексно и тешко да се направи. Системот профункционира после првата трансплантација на срце, и се направија уште други 8 дијагностицирања на мозочна смрт од коишто дополнителни 5 срца се трансплантираа и 17 бубрези на пациенти на коишто им беше неопходно, рече Филипче.
Паралелно на целокупниот овој процес се направи сериозен чекор напред во делот на трансплантацијата на коскена срцевина, што значи трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител.
До денес се направени 35 такви трансплантации и ние сме дел од светскиот регистар на коскена срцевина, што значи дека нашите доброволни дарители може да даруваат крв и било кој пациент во светот согласно ХЛА типизацијата биде соодветен примател доколку треба, но и обратно на нашите пациенти да им е на располагање таа крв и тие дарители на коскена срцевина од целиот свет кога ХЛА ќе се докаже дека е компатибилна.
Паралелно со трансплантацијата на солидните органи, сериозен чекор напред се направи во делот на трансплантацијата на коскена срцевина.
Досега на нашата клиника се спроведени повеќе од 600 интервенции, а 35 пациенти се лекувани со новите процедури. Нашите резултати се движат кон рамките на достигнувањата на реномираните центри во Европа и САД. Истовремено, за пациентите од непроценливо значење е што во текот на лекувањето се блиску до своето семејство и ја имаат нивната помош и поддршка, изјави директорката на Клиниката за хематологија, д-р Ирина Пановска Ставридис.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.