Железничкиот сообраќај во Црна Гора е целосно во прекин поради штрајк на диспечерите на возови, кои бараат зголемување на платите. Прекинот започна вчера, кога меѓународниот воз од Белград пристигна на перонот во Подгорица, но остана таму без да продолжи. Патниците беа префрлени во автобуси, додека најголем проблем се создаде за оние чии автомобили останаа во вагоните.
Од Железничката инфраструктура на Црна Гора (ЖИЦГ) реагираа остро, нарекувајќи го штрајкот „саботажа“ и најавија кривична одговорност за дел од учесниците.
„Подготвени сме за дијалог со работниците, но не и за уцени“, соопшти раководството, додавајќи дека преговори за повисоки плати веќе се водат со репрезентативните синдикати.
Министерството за транспорт на Црна Гора исто така изрази загриженост, особено поради информациите дека одредени малцински акционери стојат зад организацијата на штрајкот.
„Очекуваме надлежните органи, пред сè Државното обвинителство, да ги истражат сите наводи и да утврдат кој е одговорен за настанот и за материјалната штета што е предизвикана“, стои во соопштението од министерството.
Во меѓувреме, патниците остануваат во неизвесност, а железничкиот сообраќај е блокиран сè додека не се најде решение меѓу управата и диспечерите.
Текстот Црна Гора во железнички хаос, штрајкот на диспечерите го блокираше сообраќајот е превземен од МАКФАКС.