Ревизијата на ЦИА откри недостатоци во подготовката на проценката на американското разузнавање дека рускиот претседател Владимир Путин се обидел да влијае на претседателските избори во САД во 2016 година во корист на Доналд Трамп, но не го оспори тој заклучок.
Ревизијата „не го оспорува квалитетот или кредибилитетот“ на строго доверливиот извештај на ЦИА на кој се потпирале авторите на проценката за да дојдат до тој заклучок, соопшти денес ЦИА.
Но, ревизијата ја доведува во прашање „високата доверба“ во тој заклучок, како што е оценета од ЦИА и ФБИ. Наместо тоа, на заклучокот требало да му се даде оценка „умерена доверба“ што му ја дала Националната агенција за безбедност (НСА).
Трамп ја отфрли проценката на разузнавањето, објавена во јануари 2017 година. По состанокот со Путин во ноември 2017 година, тој рече дека верува оти Путин не се мешал во изборите.
Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, поранешен конгресмен кој беше директор на националното разузнавање за време на првиот мандат на Трамп, нареди преглед и на делот „научени лекции“ „за да се промовира аналитичка објективност и транспарентност“, соопшти ЦИА.
Дирекцијата за анализа на ЦИА, која ја спроведе ревизијата, „идентификуваше повеќе процедурални аномалии“ во подготовката на класифицираната проценка за руското мешање во изборите во декември 2016 година.
Меѓу нив беа „екстремно тесниот временски рок… и прекумерната вклученост на раководителите на агенцијата“, што „доведе до отстапувања од стандардните практики во подготовката, координацијата и прегледот“ на извештајот, се вели во неа.
„Овие отстапувања ја спречија ригорозната примена на експертизата, особено за најспорната оценка на проценката“.
Сепак, ревизијата не ја поништи проценката дека Путин користел дезинформации и сајбер кампања за да влијае на изборите во 2016 година во корист на Трамп.
Одборот на Сенатот за разузнавање дојде до истиот заклучок во извештајот од 2018 година.
Текстот ЦИА не оспорува дека Путин се обидел да му помогне на Трамп на изборите во 2016 година е превземен од МАКФАКС.