По повеќе неуспешни обиди и меѓусебни обвинувања меѓу руските и украинските официјални лица, од челичарницата во Мариупол конечно профункционира хуманитарен коридор. Најмалку 46 цивили, меѓу кои и голем број деца, после еден месец го напуштија објектот што е цел на засилени руски напади, а делумно сè уште е под контрола на украинските воени сили. Според пишувањата на светските медиуми, во челичарницата Азовстал остануваат без храна и вода заробени стотици лица.
Advertisements
Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски информираше дека Русија подготвува засилени напади на истокот на земјата и потврди оти гранатирана била Одеса.
„Окупаторите повторно истрелаа ракети врз областа Днепропетровск и Одеса. Повторно и повторно, руските трупи покажуваат дека луѓето од Одеса се исти непријатели кон Русија како и сите други Украинци. Уништена е пистата на аеродромот во Одеса. Ние, се разбира, ќе ја обновиме. Но, Одеса никогаш нема да ги заборави ваквите руски потези“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина
Руската одбрана пак, соопшти дека во близина на Одеса бил гранатиран магацин со оружје кое било странска воена помош за Украина.
„Високопрецизните проектили Оникс уништија магацин на воениот аеродром во близина на Одеса, со оружје и муниција испорачани од САД и европските земји, уништена е и пистата“, изјави Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана
Во меѓувреме, претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси пристигна во посета на Киев и е највисок официјален претставник на Вашингтон кој дошол во Украина од почетокот на војната.
„Ве посетуваме за да ви се заблагодариме за вашата борба за слобода. Ние сме на фронтот на слободата и Вашата борба е борба за сите нас. Нашата заложба е да бидеме тука за вас додека борбата не заврши“, изјави Ненси Пелоси – претседателка на Претставничкиот дом на САД
Зеленски ѝ додели на Пелоси „Орден на принцезата Олга“ за нејзиниот „значаен личен придонес“ во зајакнувањето на украинските и американските врски. /Алсат.мк
Лука Андреев