Првата дама на САД, Меланија Трамп се закани дека ќе го тужи Хантер Бајден за повеќе од 1 милијарда долари откако тој тврдеше дека осудениот сексуален престапник Џефри Епстин ја запознал со нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, објави Би-би-си.

Адвокатите на првата дама, која се омажи за Трамп во 2005 година, го опишаа тврдењето на Бајден како „лажно, омаловажувачко, клеветничко и провокативно“.

Во писмото, испратено до адвокатот на Хантер Бајден, се бара повлекување и извинување, со закана за тужба за „штета поголема од 1 милијарда долари“. Се тврди дека првата дама претрпела „огромна финансиска и репутациска штета“ од тврдењето, кое Бајден го повтори.

Бајден, син на поранешниот американски претседател Џо Бајден, го изнесе ова тврдење претходно овој месец во интервју во кое остро ги критикуваше минатите врски на Трамп со Епстин. Трамп во минатото призна дека го познавал Епстин, но тврди дека тие се разделиле на почетокот на 2000-тите затоа што Епштајн ги презел вработените од спа-центарот на Трамп во Флорида.

Бајден му рекол на режисерот Ендру Калаган: „Епстин ја запознал Меланија со Трамп – тие врски се многу широки и длабоки“.

Адвокатите на првата дама велат дека Бајден се потпирал на статија во „Ју-ес Дејли Бист“ која подоцна била отстранета откако правниот тим на Меланија ја оспорил нејзината содржина и наслов.

Отстранетата статија, во која делумно се цитира новинарот Мајкл Волф, алудирала на тоа дека Меланија била во врска со познаник на Епстин и Трамп кога го запознала својот сегашен сопруг.

фото: принтскрин

Текстот Хантер Бајден: Епстин ја запозна Меланија со Трамп; првата дама се закани со тужба е превземен од МАКФАКС.