Франција денес соопшти дека одлучила да мобилизира три борбени авиони „Рафал“ за заштита на полскиот воздушен простор и источна Европа заедно со НАТО, по руските упади со беспилотни летала во Полска, додека Германија изјави дека ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО.
„Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, објави францускиот претседател Емануел Макрон денес на Икс, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со британскиот премиер Кир Стармер.
„Нема да попуштиме пред зголеменото заплашување од Русија“, рече тој.
Германија, исто така, ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО по инцидентот со дроновите во Полска, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус.
Тој рече дека војската на германскиот Бундесвер ќе го прошири и продолжи својот воздушен надзор над Полска. Два борбени авиони „Еурофајтер“ на Бундесвер веќе извршуваат извидувачки летови над Полска, кои беа планирани до 30 септември. Тие полетуваат од нивната база во близина на северниот германски град Росток.
Мерц: Ова е сериозен инцидент, а не несреќа
Бројот на авиони сега ќе се удвои на четири, а извидувањето е продолжено најмалку до 31 декември, соопшти германското Министерство за одбрана. Канцеларот Фридрих Мерц вчера изјави дека не верува дека нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала е несреќа, туку инцидент што претставува многу сериозна закана за мирот во цела Европа.
Варшава регистрираше 19 нарушувања на својот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала завчера и вчера. Русија негираше одговорност за инцидентот. Полска беше поддржана од своите сојузници во НАТО во соборувањето на беспилотните летала, прв пат членка на воениот сојуз да отвори оган за време на војната на Русија во Украина.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како обид на Русија да го тестира одговорот на Варшава и НАТО. Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане утре за да разговара за упадите на беспилотните летала во полскиот воздушен простор.
фото: принтскрин
Текстот Франција и Германија се мобилизираат; Макрон: Му дадов ветување на Туск е превземен од МАКФАКС.