Враќањето во градот по одмор и летен распуст честопати значи враќање на секојдневните обврски што беа ставени на чекање, барем за кратко време. За да го направат преминот од летната релаксација кон есенската рутина што е можно понежен, многу луѓе копнеат по мали промени што внесуваат свежина, без разлика дали во нивната гардероба, дневни навики или рутина за убавина.

Промената на фризурата често е на самиот врв на листата, бидејќи го дава тоа моментално чувство на нов почеток, па затоа не е изненадување што есенските трендови за коса се фокусираат токму на тој аспект – промена.

Доколку планирате да го посетите вашиот фризер во наредните денови, сега е време да се инспирирате. По месеци изложеност на сонце, сол и ветер, косата често има потреба од потстрижување, но и дополнителна нега за повторно да блесне. Боењето не мора да вклучува драстични промени.

Напротив, суптилните, природни нијанси честопати оставаат најголем впечаток, а меѓу нив, една повторно се издвојува и веќе се најавува како најбаран избор за есен.

„Бронде“: Бојата за коса што совршено функционира во транзицијата
Бронде е мешавина од кафеави и руси нијанси – боја што изгледа како да е обликувана од сонцето. Тоа е техника што комбинира потопли и постудени тонови на начин што изгледа природно, ненаметливо и исклучително ласкаво на различни тонови на кожа.

Затоа се враќа оваа есен како омилен избор за секој што бара суптилна, но забележлива промена. Освен што обезбедува димензија и волумен на косата, бронде е лесна за одржување и не бара често осветлување.

Друга предност на оваа нијанса е нејзината прилагодливост, што значи дека може да се носи во посветли или потемни нијанси, во зависност од вашата природна боја на коса и посакуваниот ефект. Бидејќи тоновите се вклопуваат еден во друг, растењето на косата не е проблем, туку составен дел од целокупниот изглед.

Одржувањето вклучува употреба на производи за зачувување на бојата и топлинска заштита при стилизирање. Со малку грижа, оваа нијанса може да трае со месеци, одржувајќи ја свежината и впечатокот на свежо обоена коса.

фото: принтскрин

Текстот (Фото) Природно, но ефикасно: фризурата што ќе ја одбележи оваа есен е превземен од МАКФАКС.