Околу 300 припадници на Националната гарда на Калифорнија се распоредени на три различни локации во поширокото подрачје на Лос Анџелес поради протестите што траат веќе два дена, поврзани со спроведувањето на имиграциската политика.

Висок претставник од Лос Анџелес за CBS изјави дека припадниците на Националната гарда се распоредени околу федералните згради во центарот на градот и во населбата Вествуд.

„Денеска ќе има неколку протести во Лос Анџелес. Градот и полицијата внимателно ги следат“, рече претставникот.

Тој додаде дека полицијата во Лос Анџелес уапсила 29 лица, речиси сите поради одбивање да се разидат – што според законите се смета за прекршок.

Истовремено, нагласи дека градските власти „ги поддржуваат правата на имигрантите“ и ја опиша ситуацијата како „замаглена и без позитивен исход“ за полицијата.

Во објава на социјалните мрежи, заменик-директорот на ФБИ, Дан Бонџино, информираше дека уапсените се соочуваат со федерални, локални и државни обвиненија.

„Операциите против нелегалната миграција ќе продолжат, а секој што ќе се обиде насилно да ги попречи или спречи тие акции ќе биде предмет на истрага и кривичен прогон. Веќе се уапсени повеќе лица во Лос Анџелес и Њујорк, а дополнителни истраги се во тек и веќе даваат резултати. Многу од уапсените ќе се соочат со федерални обвиненија, покрај локалните и државните. Ако изберете насилство, тоа нема добро да заврши по вас. Избирајте паметно“, порача Бонџино.

Том Хоман, комесарот за граница, за NBC News изјави дека локалните функционери во Калифорнија, вклучувајќи го гувернерот на Калифорнија и градоначалничката на Лос Анџелес, можат да бидат уапсени доколку продолжат да го попречуваат спроведувањето на федералната операција во областа на Лос Анџелес.

Хоман ги обвини гувернерот Гавин Њусом и градоначалничката Карен Бас дека „создаваат засолниште за криминалци“ и додаде дека никој од нив не е изземен од можноста за уапсување.

Според неговите зборови, службениците на американската имиграциска и царинска служба (ICE) во последните два дена уапсиле околу 150 илегални мигранти.

Ова следува по низа имиграциски акции спроведени во петокот, по кои избувнаа насилни демонстрации.

Претседателот Доналд Трамп одлучи да ја испрати Националната гарда во Лос Анџелес со цел, да се стави крај на „бездржавноста што се толерира со години“.

Текстот (Фото) Првите припадници на Националната гарда пристигнаа во Лос Анџелес, најавени се нови протести е превземен од МАКФАКС.