Финскиот парламент ја ратификуваше спогодбата за одбрана со САД, која ќе овозможи зголемено воено присуство на американски војници и складирање на американска воена опрема во Финска.
По потпишувањето од страна на финската влада во Вашингтон во декември минатата година, Спогодбата за соработка во областа на одбраната (DCA) беше едногласно ратификувана од финскиот парламент, пренесува МИА.
Документот им дава на САД пристап до 15 воени бази во Финска и дозволува присуство и обука на американски војници, како и складирање на воена опрема на финска територија.
Финска се приклучи кон НАТО во април 2023 година, повеќе од една година по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Односите на Финска со Русија, со која има заедничка граница од 1340 километри, се многу затегнати од приклучувањето на Финска кон Алијансата.
Спогодбата за одбрана меѓу Финска и САД го зајакнува соработката меѓу двете држави во кризни ситуации. Таа вклучува обврска за почитување на суверенитетот на Финска, нејзините национални закони и меѓународното право, нагласија владата и Комисијата за надворешни работи на финскиот парламент.
Ратификацијата на спогодбата стана реалност откако Шведска одобри слична спогодба со САД по многу пожестоки дебати, во кои критичарите на документот тврдеа дека тој отвора пат за распоредување на нуклеарно оружје во земјата.
Иако темата беше разгледувана и во Финска, законодавците гарантираа дека обврската за почитување на националните закони се однесува и на нуклеарното оружје, чиј увоз и транзит се забранети на финска територија.
САД имаат склучено слични спогодби за одбрана со 11 други земји од НАТО, меѓу кои се Шведска, Норвешка и Данска.