Уште 95 украински бранители се вратија дома од руско заробеништво, досега вратени и над 160 цивили

Уште 95 Украинци беа вратени од руско заробеништво како резултат на размената, соопшти претседателот Володимир Зеленски во порака на Телеграм.

„Продолжуваме да ги враќаме нашите луѓе дома. Уште 95 бранители се ослободени од руско заробеништво. Тоа се војници на вооружените сили на Украина, Националната гарда и граничарите“, вели Зеленски.

Тој изрази благодарност до „нашиот тим кој се занимава со размена и Обединетите Арапски Емирати за посредувањето во ова ослободување“.

 „Колку и да е тешко, ние ги бараме сите што можеби се во заробеништво, мора да ги вратиме сите“,  нагласи претседателот во својата објава.

Предходно, на 31 мај, 75 војници и цивили беа вратени во Украина од руско заробеништво како резултат на размената.

Повеќе од 14.000 украински цивили во моментов престојуваат во Русија, а 161 лице веќе се вратени во Украина, изјави комесарот за човекови права на Врховната Рада, Дмитро Лубинец, на брифинг во петокот во Миколаев, јави дописникот на Укринформ.

„Не водам статистика за поединечни региони, бидејќи има и такви кои веднаш почнуваат да ги споредуваат бројките и велат дека Лубинец работи повеќе овде, а помалку таму. Тоа не е така. Според моите податоци, во моментов има повеќе од 14.000 цивилни заложници – граѓани на Украина – на руска територија досега е можно да се вратат 161 лице“, рече Лубинец.

Според него, ова прашање се однесува на луѓе кои се земени како заложници од 2014 година.

„Разбирам дека тоа се неспоредливи бројки, но што е проблемот? Сега нема механизам за размена на цивили, бидејќи тоа не е регулирано со меѓународното хуманитарно право. Исто така, немаме официјални земји посредници, бидејќи за нив тоа би значело дополнителни обврски, иако има држави кои ни помагаат неофицијално Меѓу оние што можам да ги наведам се Турција и Ватикан, иако комуницирам со многу земји од сите континенти“, рече Лубинец.

Тој уште во февруари оваа година повика на создавање меѓународна коалиција за враќање на цивилните заложници, слична на онаа создадена за враќање на украинските деца, како што пренесе тогаш  Укринформ.

„Треба да се создаде меѓународна коалиција за да се обезбеди враќање на украинските цивилни заложници, изјави Лубинец на форумот „Украина. Година 2024“, рече тој. „Меѓународната коалиција слична на онаа создадена за враќање на украинските деца треба да се формира за да се олесни враќањето на цивилните заложници“.

Лубинец истакна дека Русија секојдневно ги крши правата на украинските граѓани.

Тој рече дека украинската влада бара земји кои се подготвени официјално да учествуваат во процесот на враќање на цивилните заложници.

„Сепак, секој ден сфаќаме дека нашите воени заробеници, кои моментално се држат во Руската Федерација, се подложени на тортура. 90% од нив се измачувани“, истакна Лубинец и додаде дека украинските власти бараат нови пристапи за прашањето за враќање на украинските граѓани.

Драган Мишев