Редовната настава во неколку средни училишта во реонот на Сараево денеска повторно мораше да биде прекината откога добија закани за бомби, со што се потврди дека претходната полициска истрага и многуте апсења на малолетници не го решиле овој проблем, кој интензивно трае веќе еден месец.
„Полицијата ги претресува училиштата, а за сѐ е информирано Обвинителството“, изјави Мерсиха Новалиќ, портпаролка на полицијата на Сараевската жупанија.
Ова е веќе четврта недела во која во училиштата во Сараево пристигнуваат закани за поставени бомби, па според утврдените процедури, наставниот процес мора веднаш да се прекине и специјализирани полициски екипи да излезат на терен за да извршат увид. Сите извештаи досега се покажаа како лажни, но наставниот процес е загрозен, а повеќето училишта во такви ситуации прибегнуваат кон онлајн-моделот на настава, кој се практикуваше за време на пандемијата.
Заканите за бомби до училиштата најчесто доаѓаат преку е-пошта од лажни адреси или други онлајн-платформи, а полициските истражители со недели трагаат по испраќачите, кои тешко може да се пронајдат.
Сепак, досега успеале да идентификуваат и приведат 12 такви лица. Само еден од нив бил полнолетен и имал 18 години, а сите други биле малолетни.
Текстот Училиштата во Сараево веќе еден месец добиваат закани за бомби е превземен од МАКФАКС.