Унгарија ќе се погрижи рускиот претседател Владимир Путин непречено да влезе на нејзина територија за средба со американскиот претседател Доналд Трамп и успешно да се врати во Русија, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.

Трамп вчера се согласи втората средба со Путин, по онаа на Алјаска, да се одржи во унгарскиот главен град. Тој откри дека таа би можела да се одржи во следните две недели.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера и денес разговара со американскиот претседател и објави дека подготовките се во тек со полна брзина.

Изборот на Будимпешта го привлече вниманието на меѓународната заедница бидејќи Меѓународниот суд на правдата (МСС) издаде налог за апсење на Путин. Унгарија е во процес на повлекување од оваа меѓународна институција.

Москва го отфрла обвинението на МСС и го нарекува налогот за апсење на Путин доказ за непријателството на Западот кон Русија.

„Ќе се погрижиме тој да пристигне во Унгарија, да одржи успешни преговори тука и да се врати дома“, изјави Сијарто пред новинарите.

„Нема потреба да се консултира никого за ова, ние сме суверена земја тука. Ќе го пречекаме Путин со почит, ќе го угостиме и ќе му обезбедиме услови да преговара со американскиот претседател“, додаде тој.

Орбан е долгогодишен сојузник на Трамп, кој е исто така близок со Русија. Тој потврди дека средбата би можела да се одржи во следните две недели ако министрите за надворешни работи на двете земји ги решат преостанатите прашања дотогаш на состанокот планиран за следната недела.

Фото: ЕПА

Текстот Унгарија: Ќе се погрижиме Путин да пристигне во Будимпешта и да се врати дома е превземен од МАКФАКС.