Унгарија го презема од денеска претседавањето со ЕУ, а еден од седумте приоритети на Будимпешта ќе биде конзистентна и заснована на заслуги политика на проширување со порака дека ЕУ не може да биде целосна без пристапот на Западен Балкан во блокот.
Покрај проширувањето, приоритети на унгарското претседателство ќе бидат конкурентноста, одбраната, илегалната миграција, регионалниот развој, земјоделската политика и демографијата, се наведува на веб-страницата на Претседателството.
„ЕУ долго време беше ангажирана во обезбедувањето европска перспектива за Западен Балкан, бидејќи заедницата не може да биде целосна без пристапувањето на овој регион. Интеграцијата на регионот носи придобивки за Европската унија во економска, безбедносна и геополитичка смисла“.
Со цел понатамошно проширување и продлабочување на соработката, се додава, дека партнерите ќе бидат поканети на консултации и во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан и во рамките на Европската политичка заедница.
Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, обликување на иднината на кохезионата политика на ЕУ, земјоделска политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.
Во делот од програмата што се однесува на акцијата на Советот за надворешни работи на ЕУ, се наведува дека стабилноста на Западен Балкан е витален интерес на ЕУ, и дека унгарското претседателство затоа ќе го поддржи продлабочувањето на конкретни проекти за соработка со регионот, особено за подобрување на регионалната соработка и стабилност. Се посочува дека за време на претседавањето, Унгарија планира да организира самит ЕУ-Западен Балкан во регионот и да одржи меѓувладини конференции со земјите кандидати.
Основен интерес на ЕУ е, се истакнува, да се одржи стабилноста во непосредното соседство и регионот во догледна иднина да се приклучи на ЕУ.
Кога станува збор за заедничката безбедносна и одбранбена политика, се наведува дека за време на претседавањето, со оглед на актуелната безбедносна ситуација, Будимпешта ќе смета дека е приоритет да се обезбеди стабилност на Западен Балкан и регионот Сахел преку воените мисии на ЕУ соработка и дијалози фокусирани на безбедноста, како и да се обезбеди поддршка преку Европскиот инструмент за мир.
Кога станува збор за телекомуникациите, се наведува дека ќе се направат напори за приближување на Западен Балкан и Грузија до роаминг зоната на ЕУ, а во програмата, меѓу другото, се посочува и важноста на интеграцијата на Западен Балкан во гарантирањето безбедност на Европа.
Мотото на претстојното шестмесечно унгарско претседавање со ЕУ ќе биде „Да ја направиме Европа повторно голема“, изјави претходно унгарскиот министер за ЕУ Јанош Бока, презентирајќи ги приоритетите и амбициите на унгарското претседателство кое доаѓа во периодот на конституирање на новото раководство во европските институции, а го презема Белгија, која во изминатите шест месеци успеа да затвори над 60 законски предлози.
За време на белгиското претседателство, ЕУ успеа да најде консензус за нова финансиска поддршка за Украина, вклучувајќи ги и замрзнатите руски средства. Официјално беа отворени пристапните преговори со Украина и Молдавија, беа усвоени 13-тиот и 14-тиот пакет санкции против Русија.
Унгарија ќе претседава со ЕУ од 1 јули до 31 декември.