Во книжарницата „Иваничук“ во Лвив, Украина, каде вобичаено владее смиреност, денеска се слушаше химната која како да пркосеше на експлозиите од руските напади што се случуваат на стотици километри од таму. Десетици доброволци, предводени од директорот на библиотеката, се собраа во малата соба на вториот кат од библиотеката за да изработат камуфлажа за украинската армија. Многу граѓани доаѓаа носејќи стара облека, од чиј материјал се правеа овие камуфалжни мрежи.
-Прво го имаме основниот материјал кој го сечеме во форма на појаси, кои потоа ги користиме за да ги направиме мрежите што ги имаме овде. Потоа ги сечеме ремените од другиот материјал и ги врзуваме за мрежата за да го завршиме процесот. Тогаш мрежите се готови и нашите војници можат да ги користат за да ја сокријат опремата“, рече Наталија Кухта, професорка по англиски јазик.
На илјада километри од Лвив и на само 20 километри од границата со Русија, во градот Харков, руското бомбардирање се засилува. Од засолништата се слуша плач на бебиња, кои наместо во болница се во скривница.
За разлика од бебињата кои не знаат што се случува надвор, овие деца кои 5 дена по ред се заробени во подрумот на куќата, секогаш кога ќе слушнат експлозии се преплашени. Нивната мајка Екатерина Бабенко, вели дека секој час го поминуваат во страв.
„Мојата пријателка која живее на периферијата пред неколку часа куќата до неа беше погодена и неколку ката беа уништени, и некое време немаше никаква врска – тоа беа страшни минути, многу страшно“, рече Екатерина Бабенко.
Руската војска постојано негира дека целела на станбени области, и покрај многуте докази за бомбардирање на станбени згради, училишта и болници.
Подготви: Еви Шкопи