Украинските сили онеспособија третина од бродовите на руската Црноморска флота

Украинската воена разузнавачка агенција минатиот викенд објави снимка на која се гледа како украински  беспилотни пловила уништуваат руски воен брод во Црното Море кај полуостровот Крим.

По неколку директни удари, бродот бил оштетен до степен што не можел да плови, соопшти агенцијата и го именувала воениот брод како „Ивановец“.

Руската влада не даде непосредна изјава за настанот, но на сметите на Телеграм со врски во руската војска се вели дека Украина нападнала ноќе, со девет поморски беспилотни летала.

Ова е последен од низата успешни украински напади со проектили и водни дронови врз бродови на руската флота во Црното море што резултираа со уништување и онеспособување на неколку руски воени бродови и ја примораа руските команда да бара алтернативни поморски бази, вон досегот на украинските дронови во регионот.

Според Телеграм објавата на Одделот за стратешки комуникации на Канцеларијата на врховниот командант на вооружените сили на Украина (СтратКом), украинските сили онеспособиле приближно 33% од сите борбени бродови во руската Црноморска флота од почетокот на целосната инвазија.

 „Генералштабот на вооружените сили на Украина изјави дека нашата војска онеспособила 24 руски бродови и една подморница. Јавно достапните информации покажуваат дека руската Црноморска флота имала вкупно 74 борбени бродови на почетокот на целосната инвазија“

Како што пренесува Украинска правда, на 1 февруари, Одбранбеното разузнавање на Украина извести дека војниците на единицата за специјални сили Група 13 на Одбранбеното разузнавање на Украина ја уништиле корветата со наведувана ракета „Ивановец“, дел од руската Црноморска флота, ноќта меѓу 31 јануари и 1 февруари 2024 година.
На 4 август 2023 година, Службата за безбедност на Украина спроведе специјална операција во Новоросијскиот залив, Русија. Површински брод без екипаж (USV) го оштети тешкиот десантен брод Оленегорски Горњак, предизвикувајќи „сериозно пробивање“.

Украинското разузнавање соопшти дека поради украинските напади врз руската морнарица, окупаторите се обидуваат да воспостават поморска база во Очамчире, град во грузискиот регион Абхазија, окупирана од Русија.

Како што објави предходно ЦИВИЛ МЕДИА, во 23 месеци тешки борби, руската Црноморска флота го загуби – од украинските беспилотни летала и проектили – својот главен крстосувач, четири амфибиски бродови, една подморница, еден брод за снабдување и неколку патролни чамци и десантни бродови. Во 2023 година „најдраматичната загуба досега беше уништувањето на [подморницата] Ростов-на-Дон од 3.100 тони во сувиот док на пристаништетп во Севастопол“.

Драган Мишев


ПРОЧИТАЈТЕ И:

Руските бродоградилишта не можат да изградат онолку бродови колку што успева да им потопи украинската морнарица