По прекинот на испораките на руски гас преку украинскиот гасовод, односите меѓу Словачка и Украина се влошуваат. Премиерот на Словачка најавува мерки против Украина доколку не се реши проблемот со транзитот на гас.
Суспендирањето на транзитот на гас преку Украина поради поскапувањата веќе ја чинеше Словачка 500 милиони евра, плус милијарда транзитни такси. Затоа премиерот Роберт Фицо и ги откри на Европската комисија реципрочните мерки кои Братислава ги подготвува за Киев.
„Можеме да ја запреме сета хуманитарна помош, дури и онаа неодамна одобрена од словачката влада. Можеме значително да ги намалиме, па дури и да ги елиминираме различните поволности што им ги даваме на украинските граѓани што ги започнавме на почетокот на војната. Втората мерка се однесува на снабдување со електрична енергија на Украина. Словачка е единствената земја способна да испорача електрична енергија во Украина во рок од 30 минути во итни ситуации“, рече Фицо.
Остро реагираше украинската амбасада во Братислава.
„Украинската амбасада го изразува својот протест против намерите на словачката влада и уште еднаш апелира на воздржување од контакти со Русија, бидејќи таквите акции придонесуваат за легитимирање на руската агресија врз Украина“
Текстот Украина и Словачка на работ на конфликт за гасот, Фицо му се заканува на Киев со мерки е превземен од МАКФАКС.