Три лица загинаа, меѓу кои и едно шестгодишно дете, откако руски воени авиони бомбардираа породилиште во Мариупол. Трудниците преживеале бидејќи во моментот на нападот биле засолнети во подрум. Русија негира дека нападнала цивили. Руските власти велат дека имаат докази оти бомбардираната болница немала пациенти, туку била претворена во воен објект на украинските радикали.
„Ова не е првпат да слушаме изјави за воени злосторства извршени од руските сили. На состанокот на Советот за безбедност презентиравме факти за породилиштата кои се окупирани од радикални групи. Ги тргнале трудниците и поставиле база. Така се манипулира со јавното мислење“, рече Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.
Бремените жени и нивните семејства доживеале ужас за време на бомбардирањето. Некои од нив биле евакуирани немоќни да се движат. Повредени се најмалку 17 лица.
„Воздушна бомба врз породилиште е последниот доказ дека тоа што се случува е геноцид врз Украинците. Европејци! Не можете да кажете дека не сте виделе што се случува со Украинците во Мариупол. Видовте. Треба да ги заострите санкциите против Русија за да не може да го продолжи овој геноцид“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинската јавна обвинителка повика на формирање на Специјален суд кој ќе ја истражува „невидената“ криза. Нападот на Русија врз нуклеарна централа, сомнителна употреба на касетни бомби и таканаречените вакуум бомби во густо населени области и таргетирањето на болници, училишта и цивилни области се опишуваат како воени злосторства.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш нападот врз болницата го опиша како „ужасен чин“, додека Соединетите Држави ја обвинија Русија за „варварска употреба на воена сила за прогон на невини цивили“. Бомбашкиот напад беше широко осуден.
„Да бидеме јасни, тоа што Путин го прави не е војна меѓу две армии. Тој опколи голем број украински градови и води војна против украинските цивили. Факт е дека лансираат артилерија и проектили во урбани средини, каде знаат дека таргетирањето е предизвик и користат оружени системи кои не се прецизни. Руските команданти треба да знаат дека воените злосторства не ги вршат само челниците во руската влада, туку и сите вклучени во ланецот“, рече Џејмс Хепи, министер за вооружени сили на Обединетото Кралство.
Фатлуме Дервиши