Војната во Украина продолжува со жестоки борби во регионот на Северодоњецк каде украинските војници тврдат дека напредувале во жестоките улични борби. Украинските власти велат дека земјата се „држи“ во главните градови на првата линија во Донбас. Украинскиот гувернер на Луганск изјави дека доколку Западот ѝ достави на Украина оружје со долг дострел, украинските сили ќе можат да си го повратат Северодоњецк.

Advertisements

„Војската може да го врати градот во рок од 2-3 дена. Единственото нешто што ни недостига е артилерија со долг дострел. Имавме ситуација кога нашите момчиња повторно зазедоа речиси половина од градот, зазедоа позиции, но потоа непријателот употреби тешка артилерија и започна со целосно уништување на куќите,“ рече Серхи Хаидаи, гувернер на Луганск.

И претседателот Зеленски побара повеќе оружје од западот, а за Русија употреби ваква споредба.

„Оружјето и санкциите се вакцина против „Ковид-22“ донесена од Русија. Омразата е вирус и е уште посмртоносна од Ковид-19. Се шири преку пропаганда благодарение на неказнивоста на убијците, благодарение на руската нафта, која е уште на глобалниот пазар,“ рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин ја спореди војната против Украина со инвазиите на рускиот цар Петар Велики во 18 век. Путин се спореди со царот додека зборуваше за потребата на неговата земја, како што рече, да си ги врати своите територии и да се одбрани.

Според најновите проценки на западните држави, бројот на убиени руски војници би можел да достигне 20.000, а жртвите во украинската војска се меѓу 100 и 200 војници дневно.