Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека започнала преговори за продажба на телевизиските права со американската агенција „Релевант спортс“ за периодот од 2027 до 2033 година.

УЕФА на тој начин планира да ја прекине соработката со швајцарската агенција „Тим Маркетинг“, која од 1992 година ги продава телевизиските права за Лигата на шампионите.

УЕФА додаде дека одлуката во корист на американската агенција била донесена по тендер, „во кој биле вклучени понуди од неколку светски и регионални агенции“.

„Нормално, ние сме разочарани, но остануваме неверојатно горди на работата што ја направивме заедно со УЕФА во последните 35 години. Заедно, изградивме глобално призната комерцијална програма која генерира над 50 милијарди евра приход за европскиот клубски фудбал“, соопштија од швајцарската агенција.

Договорот со американската агенција би можел да ги обнови шпекулациите дека финалето на Лигата на шампионите еден ден може да се игра во САД. Ова е редовна тема откако Словенецот Александар Чеферин беше избран на чело на УЕФА во 2016 година.

Американската агенција „Релевант спортс“ ја води Стивен Рос, сопственик на Мајами Долфинс, клуб кој се натпреварува во американскиот фудбал (НФЛ), а потпишувањето на договорот со УЕФА се очекува во следните неколку недели.

Првиот договор на „Релевант спортс“ со УЕФА беше постигнат во 2022 година и вклучува продажба на правата од Лигата на шампионите само за територијата на САД.

Според плановите, УЕФА треба да генерира бруто комерцијален приход од најмалку 4,4 милијарди евра до 2027 година, од продажбата на телевизиските права за Лигата на шампионите, Лига Европа, Конференциската лига и Суперкупот, сето тоа преку својот сегашен партнер од Швајцарија.

Оваа сезона 36-те екипи од Лигата на шампионите ќе поделат околу 2,5 милијарди евра од наградниот фонд на УЕФА.

Текстот УЕФА ги продава глобалните комерцијални права на американската агенција е превземен од МАКФАКС.