Во руски ракетен напад врз Хуљајпоље во областа Дњепропетровска беше убиен командантот на 110-та посебна механизирана бригада на Украина, Сергеј Захаревич, а ранети се уште 30 други, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Руската војска го нападна вчера округот Камјански, каде што се наоѓа селото Хуљајпоље, соопшти гувернерот Сергеј Лисак. Хуљајпоље, со население од околу 1.200 жители пред војната, се наоѓа во западниот дел на областа Дњепропетровска, на околу 70 километри од линијата на фронтот.

„Секако ќе им одговориме на Русите за овој напад“, објави Зеленски, додавајќи дека во моментов е во тек истрага за рускиот напад и дека чека извештај од воената команда.

Захаревич дипломирал на Одесскиот институт на копнените сили. Во февруари оваа година, тој беше назначен за командант на 110-та посебна механизирана бригада. Пред тоа, тој беше заменик-командант на 33-та механизирана бригада.

Тој учествуваше во неколку борбени мисии на фронтот. „Нашата армија изгуби уште еден претставник на новата генерација украински офицери кои пораснаа во битка и станаа модели на храброст и проактивно воено лидерство“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.

Текстот Убиен украински командант; Зеленски: Ќе одговориме за овој напад е превземен од МАКФАКС.