Без договор заврши третата рунда преговори на руската и украинската делегација. По повеќе од три часа поминати на заедничка маса во Белорусија, двете страни сепак решиле да ја подобрат безбедноста на хуманитарните коридори, но прашањето за прекин на воените дејствија останува.
„Има мали позитивни поместувања во однос на подобрувањето на логистиката на хуманитарните коридори… Продолжија интензивните разговори за основните политички прашања, заедно со прекинот на огнот и безбедносни гаранции. Сè уште нема значајни резултати за клучното политичко прашање, односно прекин на воените дејствија, но се надевам на резултат во иднина“,рече Михајло Подољак – украински преговарач
„Нашите очекувања од преговорите не се остварија, но се надеваме дека следниот пат ќе можеме да направиме посуштински чекори напред. Преговорите ќе продолжат. Пристигнавме со голем сет на пишани документи, веќе презедовме конкретни договори, нацрти и предлози… Се надевавме дека денеска ќе биде можно да се потпише барем протокол за оние точки за кои се чинеше дека се начелно договорени, но украинската страна ги зеде сите овие документи да ги проучи“, изјави Владимир Медински – руски преговарач
Веќе е познато дека Москва настапува со барања за неутрален статус на Украина, признавање на руски суверенитет над Крим, демилитаризација на земјата, но воедно и за признавање на Доњецк и Луганск за независни републики.
Еден од украинските преговарачи, Давид Арахамија, во вчерашното интервју за Фокс Њуз кажа дека единственото прашање за кое нема да може да се постигне согласност со Русија се Крим и, како што додава, таканаречените републики Доњецк и Луганск.
„Украинската делегација не е подготвена за компромиси за прашањата за територијалниот интегритет на Украина. Позицијата по ова прашање ни е јасна, а за другите прашање сме пофлексибилни, но потребни се дополнителни гаранции“, рече Давид Арахамија – украински преговарач
Арахамија во интервјуто додаде дека НАТО нема да се проширува во наредните пет до десет години и Украина нема да се бори за кандидатурата во Алијансата.
Инаку, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу соопшти дека преговорите Киев-Москва ќе се водат и на министерско ниво.
„Лавров рече дека е подготвен за средба во Анталија. Исто така, украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба рече дека ќе присуствува на состанокот. Двајцата напоменаа и јас да учествувам и да се одржи трилатерален состанок. Се надевам овој состанок ќе биде пресвртна точка”, рече Мевлут Чавушоглу – министер за надворешни работи на Турција
Овој состанок е закажан за 10-ти март. /Алсат.мк
Лука Андреев