Не требаше долго да чекаме, само 10 дена беа доволни за да го видиме ефектот на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните и диско клубовите, пишува во својата нова ковид анализа проф. Дејан Трајковски.
Дневниот број на случаи фати чекор со нагорната линија на трендот (зелената линија на првиот дијаграм), а седумдневната подвижна средина (портокаловата линија на истиот дијаграм) повторно заврти нагоре.
Но, не се само вкупните дневни броеви важни. Уште поважно е што, според МЗ, најголем неделен прираст на бројот на случаи има кај возрасната група од 20 до 29 години, што е најјасниот индикатор каде се случува главното заразување во моментот.
Јасно е дека бранот започнува да извишува. Можеби топлото време неделава ќе успева да го држи за узда, но и тоа нема вечно да трае. На сите им е јасно, само на нашите здравствени власти не им е јасно дека сме во нагорен тренд. Уште на 15.10 беше потврден минимумот од 08.10 и почетокот на новиот раст. Тие, пак, гледале само некаков распон од 300-400 случаи на ден, не знаеле дали броевите ќе растат или ќе опаѓаат и сметале дека токму сега (пред вториот круг на локалните избори) е вистинскиот момент за отворање на ноќните и диско клубовите, најопасните места за ширење на заразата. Сé беше очајнички фрлено на карта на губитничките избори, но бадијала – и таму трендот беше надолен, а со трендот не можеш да се бориш. Здравјето на нацијата повторно беше жртвувано поради популизам, поради една толку безначајна цел, која сепак не ги даде посакуваните резултати, пишува Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.