Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави во Белата куќа дека неговата средба со Владимир Путин ќе биде „разговор за да се опипа теренот“, но тој верува дека рускиот претседател „сака да го направи тоа што е можно поскоро“.

„Ќе разговарам со Владимир Путин и ќе му кажам: „Мора да ја запрете оваа војна, мора да ја завршите“, рече Трамп. Тој, исто така, изјави дека ќе „се обиде да врати дел од територијата на Украина“ за време на средбата со рускиот претседател.

„Русија окупираше голем дел од Украина. Тие окупираа стратешки важна територија. Ние ќе се обидеме да вратиме дел од таа територија на Украина“, рече тој на прес-конференција во Белата куќа.

Додаде дека се надева на „конструктивен“ разговор и дека веднаш по состанокот, „можеби додека ја напушта просторијата или додека е во авионот“, ќе ги повика европските лидери за да ги информира за содржината на разговорот.

„Се согласувам многу добро, мислам, со сите нив. Исто така се согласувам и со Зеленски, но многу, многу сериозно не се согласувам со она што го направи. Ова е војна што никогаш не требаше да се случи… Но, ќе разговарам со Зеленски. Следната средба ќе биде со Зеленски и Путин, или Зеленски и Путин заедно, и ќе бидам таму ако им требам“, рече Трамп.

Тој повторно го критикуваше украинскиот претседател, истакнувајќи: „Малку ми пречи што Зеленски рече дека мора да добие уставно одобрение. Мислам, тој има дозвола да оди во војна и да убива луѓе, но дали му треба дозвола за размена на територии? Ќе има размена на територии, го знам тоа преку контакти со Русија и преку разговори со сите – за доброто на Украина. Добри работи, не лоши работи, иако ќе има лоши работи за двете страни. Значи, има добро и лошо, но е многу сложено бидејќи границите не се рамни. Ќе има некои замени, некои промени на територијата.“

Трамп рече дека може да преговара за договор, но дека одлуката дали ќе го прифати или отфрли ќе зависи од Украина.

„Ќе се сретнам со него (Путин), ќе видиме кои се параметрите, а потоа ќе им се јавам на претседателот Зеленски и на европските лидери и ќе им кажам каква би можела да биде понудата. Нема да постигнам договор, тоа не зависи од мене. Мислам дека треба да се постигне договор за двете страни.“

Конечно, тој истакна: „Би сакал да видам прекин на огнот. Би сакал да видам најдобар можен договор за двете страни. Знаете, за танго се потребни двајца.“

Текстот Трамп: Ќе се обидам да вратам дел од територијата на Украина, за танго се потребни двајца е превземен од МАКФАКС.