Јапонија ќе испрати тим на трговски преговори, потврди американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека вчера разговарал со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба. Ишиба, пак, рече дека го повикал Трамп да ја преиспита политиката за воведување царини.

Одлуката на Трамп да воведе давачка од 25 отсто за увоз на автомобили и реципрочни царини од 24 отсто за други јапонски стоки се очекува да и нанесе тежок удар на јапонската економија зависна од извозот. Аналитичарите предвидуваат дека повисоките царини би можеле да го намалат економскиот раст до 0,8 отсто.

Земјите од целиот свет разговараат со нас. Се поставуваат тешки, но праведни параметри“, напиша Трамп на социјалната платформа „Вистина“. Секретарот за финансии Скот Бесент објави дека Трамп ги задолжил него и американскиот трговски претставник Џејмисон Грир за трговски преговори со Јапонија.

Јапонскиот премиер изјави дека во телефонски разговор му рекол на Трамп дека неговата политика на воведување царини е многу разочарувачка и го повикал да ја преиспита. „Значи, имаме одлични односи со Јапонија. Така и ќе остане“, им рече Трамп на новинарите потоа.

Американскиот претседател минатата недела објави дека ќе воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз во САД и уште повисоки стапки за десетина земји, вклучително и некои од најголемите трговски партнери на САД, што внесе немир на глобалниот пазар и ги збуни американските сојузници.

Ишиба во неделата вечерта ги повика клучните министри одговорни за економијата, вклучително и министерот за финансии Кацунобу Като, и им наложи внимателно да го следат и да реагираат на развојот на пазарот, објави јапонскиот весник Никеи.

Бесент изјави за Fox Business Network дека сè уште не видел никаков предлог од Токио, но дека очекува преговорите за намалување на нетарифните трговски бариери со Јапонија да бидат успешни.

„Јапонија е меѓу 50 до 70 земји кои досега ѝ пристапија на администрацијата на Трамп и побараа преговори“, рече Бесент.

„Јапонија е многу важен воен сојузник. Тие се исто така многу важен економски сојузник и САД имаат долга историја со нив. Јас би очекувал Јапонија да добие предност само затоа што тие реагираа многу брзо“, додаде тој. Бесент истакна дека Кина се изолирала со возвраќање на царините на Трамп.

„За земјите кои нема да возвратат, го достигнавме највисокото ниво на царини и се надевам дека со добри преговори на крајот ќе го постигнеме нивното намалување“, изјави Бесент за Fox Business Network.

Текстот Трамп: Имаме одлични односи со Јапонија, така ќе остане е превземен од МАКФАКС.