Џорџ Клуни му возврати на Доналд Трамп со едноставна порака откако американскиот претседател го нарече „актер од втор ред“.
Во јули минатата година, Клуни напиша авторски текст за Њујорк Тајмс, во кој се опиша себеси како „доживотен демократ“ и го повика тогашниот претседател Џо Бајден да се откаже од трката за партијата да има поголеми шанси да го победи Трамп.
Минатиот месец, тој даде интервју за 60 минути на Си-би-ес, каде зборуваше за застрашувачките времиња кои претстојат за медиумите под администрацијата на Трамп.
„Ја гледаме идејата да се користи владата за да се замолчат, казнуваат или, преку корпорации, да се намали влијанието на новинарите. Владите не ја сакаат слободата на печатот, тие никогаш не ја сакаат, и тоа е точно без разлика дали сте конзервативни, либерални или на која страна сте, тие не ги сакаат новинарите“, рече тој.
Очигледно потресен од коментарите, Трамп на својата социјална мрежа Вистина го нападна Клуни, нарекувајќи го „второкласен филмски актер“ и „промашен политички аналитичар“.
„Зошто сега целосно дискредитираните 60 минути би му направиле целосна „пофалба“ на Џорџ Клуни, второкласен филмски „актер“ и неуспешен политички аналитичар? Тој се бореше со сите сили да го избере „Заспаниот Џо“, а потоа, веднаш по дебатата, го отпушти како куче. Подоцна, претпоставувам по налог на тимот на Обама, тој ги стави сите свои карти на Камала, за брзо да сфати дека нема да испадне баш најдобро“, напиша Трамп.
Сега Клуни ги коментираше тие навреди во интервју со Гејл Кинг на CBS Mornings.
Отфрлајќи ги критиките, Клуни рече: „Не ми е гајле. Го познавам Доналд Трамп долго време. Не е моја работа да му угодувам на претседателот на Соединетите Американски Држави“.
„Мојата работа е да се обидам да ја кажам вистината кога можам и кога имам можност. Свесен сум дека тоа нема да им се допадне на сите… Луѓето ќе го критикуваат тоа. Илон Маск проговори за мене. Тоа е нивно право. И мое право е да ја претставам другата страна”, додаде тој.
Текстот Трамп го нарече Клуни „актер од втор ред“, тој му одговори е превземен од МАКФАКС.