Албанскиот парламент гласаше „за“ одземање на мандатот на пратеникот Арбен Ахметај, со што го отвори патот за апсење на поранешниот вицепремиер. Присутни беа 120 пратеници, 117 гласаа „за“, ниту еден против и тројца воздржани. Опозицијата го повика Ахметај да соработува со правдата.

„Сите министри кои се во затвор треба да ослободат ќелија за Рама. Ако Рама не бил вмешан во оваа афера, тој ќе наредеше Ахметај да биде пронајден. Тој е гласникот на Ахметај и лицето кое му овозможи да излезе надвор. Затоа, секој од нас треба да побара од Рама да го предаде Ахметај пред правдата. Тој треба да ги врати парите во државниот буџет и да ја отслужи казната“, рече Газменд Барди, Демократска партија.

„Ние не сме судови и обвинителство, не можеме да даваме лични мислења. Имаме извештај на СПАК кој треба да се соочи со нашиот колега на Суд, и тој е тој што ќе носи одлука. Дотогаш сите треба да ја почитуваме презумпцијата на невиност. Барди спомена многу имиња, многу колеги и го спомена премиерот, чие име го нема никаде во извештајот на СПАК“, рече Арбен Пелумби, Социјалистичка партија.

Поранешниот вицепремиер Ахметај, ја напушти Албанија пред Собранието да го разгледа барањето на Специјалното обвинителство за негово апсење. Ова го потврдија адвокатите на Ахметај, кои рекоа дека тој заминал од лични причини. Албанското специјално обвинителство соопшти дека собрало докази кои покажуваат дека поранешниот министер за финансии извршил корупција во шест случаи. Покренато е и обвинение за прикривање на имот, и се бара одземање на две вили, едната во Палас, а другата во Хамалај.

По гласањето на албанскиот парламент, Ахметај преку објава на Фејсбук обвини за монтиран судски процес против него. Тој тврди дека нема никаква врска со постапките на истражителите и додава дека откако ја напуштил политиката пред една година, целиот негов политички живот бил под истрага од луѓе кои го сакаат „мртов“. Ахметај својата изјава ја завршува со закана, велејќи дека само Господ ја знае вистината што ќе ја објави во наредните денови.

Алсат