Дoдека Марк Цукерберг се обидуваше да фати чекор во трката за генеративна вештачка интелигенција, пред неколку месеци ѝ се обрати на поранешната техничка директорка на „Опен АИ“, Мира Мурат, со понуда да го купи нејзиниот нов стартап „Тинкинг машинс лаб“.
Кога таа ја одби понудата, Цукерберг започна целосна офанзива. Во неделите што следуваа, стапи во контакт со повеќе од десетина вработени од нејзиниот 50-член тим, обидувајќи се да ги убеди да преминат во неговата компанија. Главна мета му бил Ендру Талок, истакнат истражувач и коосновач на стартапот.
За да го добие, Цукерберг понудил пакет кој, со бонуси и пораст на акциите, би можел да достигне и до 1.5 милијарди долари во рок од најмалку шест години, според извори запознаени со понудата.
Талок ја одбил понудата. Никој од неговите колеги исто така не заминал.
Портпаролот на Мета, Енди Стоун, го нарекол извештајот за понудата „неточен и смешен“, нагласувајќи дека висината на компензацијата зависи од растот на акциите. Додал дека Мета нема интерес за преземање на „Тинкинг машинс“.
Дури и во Силиконската долина, каде што врвните инженери имаат огромна пазарна вредност, ретко се случува некој да одбие деветцифрени износи. Но како што расте борбата за таленти во областа на вештачка интелигенција (ВИ), дури и компаниите со најголеми буџети сфаќаат дека парите не се секогаш доволни.
Лојалност кон лидерите
Додека некои истражувачи се однесуваат како слободни агенти во потрага по поголема плата и влијание, други покажуваат непоколеблива лојалност кон своите лидери – харизматични фигури кои во технолошката индустрија имаат статус на рок-ѕвезди. Културата во стартапите силно ги поврзува вработените. Истовремено, по години меѓусебно „крадење“ кадри, тимовите стануваат вешти во самозаштита.
„Опен АИ“ и стартапите што ги основале поранешни вработени, како оној на Мурати, често се мета на Цукерберг.
Од самиот почеток на трката за ВИ, пионерите привлекуваа истражувачи со ветување дека ќе учествуваат во историска мисија – создавање на вештачка општа интелигенција (AGI), систем попаметен од човекот во повеќето задачи. „Опен АИ“ ја претвори оваа мисија во своевидна квазирелигиозна потрага, со непрофитна повелба која гарантира дека трудот ќе ѝ служи на човечноста.
Мета веќе стапила во контакт со повеќе од 100 вработени во „Опен АИ“ и успеала да вработи најмалку десетмина. На 25 јули Цукерберг го назначи кинескиот истражувач Шенгји Жао, кој поминал три години во „Опен АИ“, за раководител на новиот тим за суперинтелигенција.
Тие што засега ја одбиле понудата велат дека веруваат во мисијата на „Опен АИ“, сакаат да работат во помали компании и не сакаат нивниот труд да заврши во производи водени од рекламирање.
Мурати, Сацкееверс и отпорот кон „перење кадри“
Уште помал успех Цукерберг има со „Антропик“, стартап вреден 170 милијарди долари кој го води Дарио Амодеи – поранешен член на „Опен АИ“, кој со себе повлекол врвни стручњаци. Сите седум коосновачи на „Антропик“ сè уште се дел од компанијата. Многумина се поврзани преку движењето за „ефективен алтруизам“, кое уште пред десет години предупредуваше дека ВИ може да излезе од контрола и да го загрози човештвото.
Некои дури живееле заедно во куќа во Сан Франциско, дискутирајќи како најдобро да го донираат своето богатство и како да се справат со ризиците од ВИ.
Засега, Цукерберг успеал да вработи само двајца поранешни вработени на „Антропик“– Џоел Побар и Антон Бахтин – и двајцата со претходно искуство во Мета.
Стартапот „Сејв суперинтелиџенс“ (Safe Superintelligence SSI), основан лани од Иља Сацкееверс, исто така е скоро отпорен на обиди за регрутирање. Наместо да доведе познати „Опен АИ“ кадри, Сацкееверс се фокусирал на неафирмирани таленти со нови идеи кои тој лично ги менторира. Вработените се обесхрабруваат да го наведуваат SSI на „Линкд ин“ – токму за да избегнат „лов на глави“. На почетокот од годината, и Сацкееверс ја одбил понудата на Цукерберг.
Родена во Албанија, Мурати поминала шест години во „Опен АИ“ како техничка директорка, раководејќи речиси со сите клучни аспекти на компанијата. Била позната по емоционалната интелигенција и скромноста, што ѝ ја донело лојалноста на истражувачите и инженерите.
Во „Тинкинг машинс“ воспоставила слична, рамна хиерархиска структура – сите, дури и најискусните истражувачи, имаат титула „член на техничкиот тим“, инспирирано од некогашниот „Бел лабс“.
Кога во февруари ја основала „Тинкинг машинс“, повеќе од 20 поранешни колеги од „Опен АИ“ ѝ се приклучиле, вклучувајќи го и Џон Шулман – еден од клучните умови зад „Чат џипити“, кој претходно преминал во „Антропик“. Најголем дел од нејзините нови вработени доаѓаат од пост-тренинг тимот на „Опен АИ“ кој го создал „Чат џипити“ и го учел како да комуницира со луѓето.
Инвеститори неодамна вложиле 2 милијарди долари во нејзиниот стартап, иако некои од нив сè уште не знаат точно на што работи. Декларирана мисија: „да се направи ВИ поразбирлива, пофлексибилна и општо поспособна“.
Наскоро најавила лансирање на прв производ, со мултимодална ВИ која функционира „како што природно комуницирате со светот“. Уредот го сместиле во тивок дел во Сан Франциско, неколку улици оддалечен од „Опен АИ“.
Мета и Талок – уште една пропуштена можност
„Вирд“ претходно објави дел од обидите на Мета да ги регрутира кадрите од „Тинкинг машинс“.
Ендру Талок, коосновачот на компанијата, бил централна мета на кампањата. Цукерберг и Александар Ванг, новиот шеф на тимот за суперинтелигенција во Мета, му праќале бројни пораки за да го убедат да им се приклучи.
Роден во Австралија, Талок дипломирал на Универзитетот во Сиднеј со највисок просек меѓу студентите по природни науки. Работел во „Фејсбук“ 18 месеци пред да се запише на постдипломски студии во Кембриџ, а потоа се преселил во Калифорнија каде станал „distinguished engineer“ во тимот за вештачка интелигенција – една од највисоките технички позиции.
„Беше познат како екстремен генијалец“, вели Мајк Вернал, поранешен директор во „Фејсбук“.
Уште во 2016 година, три години по неговото доаѓање во „Фејсбук“, претседателот на „Опен АИ“, Грег Брокман се обидел да го регрутира. Во е-пошта до Илон Маск, Брокман напишал дека Талок тогаш добивал 800.000 долари годишно во „Фејсбук“ и дека веројатно ќе бара повеќе. „Опен АИ“ тогаш нудел 175.000 долари плата, со бонус од 125.000.
„Ендру е многу блиску до „да“. Но загрижен е поради големото намалување на платата“, напишал Брокман на 21 февруари. Талок тогаш не прифатил.
Во „Опен АИ“ се приклучил дури седум години подоцна, во момент кога „Чат џипити“ веќе беше глобален феномен.
Текстот Тимот на Албанката, Мира Мурати не подлегнал на понудата на Цукерберг – борба за ѕвездите на вештачката интелигенција е превземен од МАКФАКС.