Сѐ повеќе се намалуваат залихите на вода, храна и лекови во Газа. Болниците се на работ на колапс. Се очекува тие да останат без гориво во наредните часови, со што илјадници пациенти ќе бидат оставени во ризик.
Одлуката на Израел да го прекине снабдувањето со вода, како и нападите врз пумпите со гориво, предизвикаа значителен удар.
Жителите се борат да обезбедат храна пред најавената израелска офанзива.
„Дојдов тука да наполнам чиста вода за пиење, ја користам за сè, не само за пиење. Во мојата куќа со денови нема вода“, вели Ејад Акел, жител.
„Ситуацијата е трагична. Дома се грижам за седум семејства кои останаа без ништо. Одбија да ми дадат повеќе леб и ова покажува во каква трагична ситуација се наоѓаме. Тука сме да купиме леб за децата, а не за нас. Јас не можам да јадам сам кога гледам што се случува околу мене“, додава Абдула Ризик, жител.
Израел вели дека повеќе од 600.000 луѓе се евакуирани од Појасот Газа. Речиси 500.000 луѓе, речиси една четвртина од населението на Газа, се засолнија во училиштата на ОН и други згради низ целата територија. Израелската војска вели дека се обидува да ги протера цивилите од северниот дел на Газа пред големата офанзива против Хамас, тврдејќи дека милитантите имаат широки мрежи на тунели и ракетни фрлачи. Хамас ги повика жителите да останат во своите домови. САД се обидуваат да постигнат договор за повторно отворање на египетскиот премин со Газа за да им овозможат на Американците и другите странци да заминат и да влезе хуманитарната помош која чека на египетската страна.
Израел вели дека нема да се откаже од опсадата на Газа додека Хамас не ги ослободи сите заложници. Според израелската војска, Хамас и другите палестински милитанти држат 199 заложници во Газа. Како резултат на насилството, во појасот Газа се убиени 2670 цивили, а на израелска страна има повеќе од 1.400 убиени Израелци.
Алсат