На вториот ден од судската седница против поранешните лидери на ОВК во Хаг, поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, изрази уверување дека ќе биде ослободен од обвиненијата на Специјалното обвинителство за воени злосторства, исто како што беше ослободен од обвиненијата за трговија со органи. Тачи рече дека меѓународните претставници му рекле дека треба да се формира Специјален суд, за да се отстрани црниот облак над Косово.

Advertisements

„Светот сега знае дека немало трговија со органи и дека „жолтата куќа“ никогаш не постоела. Сега знам, и народот и сите Албанци се оправдани од ова. Црниот облак над Косово е отстранет. Жртвувањето вредеше. Очекувам да бидам ослободен од сите обвиненија на крајот од овој процес“, рече Тачи.

Одбраната на Тачи ги отфрли обвинувањата на Специјалното обвинителство. Адвокатот на Тачи, Грегори Кехо, тврдеше дека Тачи немал вистинска моќ за време на војната.

“… Хашим Тачи немал мотив да учествува во злосторствата, бидејќи како еден од политичките лидери на ОВК, Хашим Тачи знаел дека успехот на ослободителното движење на Косово зависи од поддршката на западните земји, особено на САД…Претставниците на КСО зборуваа за тоа како на соработниците се гледа како на егзистенцијална закана. Единствена опасност беше српската војска заедно со паравоените сили“, рече Грегори Кехо, адвокат на Хашим Тачи.

Според адвокатот на Тачи, Србија извршила злосторства на Косово кои често биле извшрени од одмазда.

И одбраната на Кадри Весели ги отфрли обвинувањата. Судењето на поранешните водачи на ОВК започна ден претходно. Обвинителството ги презентираше инкриминирачките докази. Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Семра Мусаи