Кај ракометна Македонија владее разочараност по поразот од Црна Гора и математичка елиминација од Европското првенство во Словачка и Унгарија. Лазаров и стручниот штаб пак мака мачеа да го состават тимот кој ќе излезе на мегдан против Црногорците, а позитивниот тест на ковид-19 на Стоилов беше најголемиот проблем.
Македонија остана без искусни ракометари во тимот и тактичката композиција, посебно во одбраната, се поремети.
„Останувам на констатацијата од синоќа дека целата селекција одигра срамен натпревар против Црна Гора. Но, нема враќање назад и мора да се собереме затоа што ни следи уште еден наторевар. Верувам дека ќе одиграме најдобро што можеме против Данска в понеделник.
Данската репрезентација игра моќно, атакува на злато и голем е фаворит против нашата репрезентација. Но, ние секако сакаме да се надигруваме максимално, можеби како што одигравме против нив во Скопје“, смета Филип Талески.
Со овие порази македонската репрезентација ќе има многу потешка задача и во баражот за Светското првенство следната година во Полска и Шведска, бидејќи нема да ја има улогата на носител во ждрепката и ќе добие посилен противник.