Денеска продолжува потрагата по 12 лица, исчезнати по вчерашниот пожар на траектот што пловеше од Грција кон Италија. По пожарот се спасени 280 патници и членови на екипажот, јави дописничката на МИА од Атина.
Бројот на исчезнати од 11 се зголеми на 12 лица откако вчера беа пронајдени и спасени двајцата патници, кои со часови останаа заглавени во траектот, но по нивната идентификација произлезе дека еден од нив, веројатно мигрант, нелегално патувал и не бил на официјалната листа со патници.
Траектот сè уште се наоѓа во морскиот дел во близина на Крф, а денеска продолжува и гаснењето на пожарот.
Припадници на специјалната единица за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба вчера попладне ги извлекоа двете лица заглавени во траектот, а претходно, на островот Крф беа пренесени 278 патници и членови на екипажот.