Суд во Брисел ги отфрли аргументите на белгискиот лобист Фредерик Балдан против повторно именување на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија и покрај тврдењата за нејзина поврзаност со контроверзниот договор за набавка за вакцини против Ковид-19 со американската компанија „Фајзер“.
Сослушувањето на претставници на Европската народна партија (ЕПП), кој ја предложи Фон дер Лајен за реизборот, беше закажано за минатиот петок, но тие не се појавија на рочиштето. По ова судијата во постапката оцени дека станува збор за „итен случај“ и реши да го сослуша само тужителот Балдан, кој е познат белгиски лобист специјализиран за односите меѓу ЕУ и Кина.
Балдан во април минатата година поднесе кривична пријава против Фон дер Лејен пред Суд во белгискиот град Лиеж, под обвинение злоупотреба на овластувањата, уништување на службени документи и корупција поврзани со договорот за набавка на вакцини од „Фајзер“, што таа го постигнала преку СМС комуникација. Според адвокатката на Баладан, кон тужбата во меѓу време се приклучиле уште околу 500 субјекти, вклучувајќи поединци, политички партии, како и две земји членки на ЕУ, Унгарија и Полска.
Сослушувањето пред Судот во Лиеж за овој случај беше закажано за минатиот месец, но потоа одложено за почетокот на декември годинава.
По оваа Балдан покрена процес по скратена постапка пред Суд во Брисел со барање да се спречи реизбор на Фон дер Лајен. Судот реши да го разгледа случајот пред Самитот на ЕУ на кој треба да се донесе одлука за имињата на носителите на врвните функција во Унијата што почнува попладнево и одлучи да го отфрли барањето за спречување на повторното именување на Фон дер Лајен.
Балдан тврди дека тој и другите тужители во постапката пред Судот во Лиеж, би можеле „да се соочат со одмазда“, доколку Фон дер Лајен биде реизбрани и бара да биде заштитен според Директивата на ЕУ за укажувачи.
Бриселскиот Суд го одби ова барање на Балдан, оценувајќи дека „не утврдил ризик од сериозни предрасуди или сериозни непријатности што би оправдале итна одлука“.
Сепак Балдан и неговата адвокатка инсистираат дека тој ги исполнува условите за да се смета за „свиркач“. Адвокатката на Балдан изрази жалење поради судската одлука дека тужителот треба да докаже зошто би требало да се смета за „свиркач“, истакнувајќи дека таквото барање е спротивно на Директивата на ЕУ за укажувачи и на белгиското право.
Таа најави дека тужителот ќе поднесе жалба на одлуката на Судот во Брисел и изрази надеж дека решението по неа ќе биде донесено пред гласањето во Европскиот Парламент за реизбор на Фондер Лајен, предвидено за следниот месец.
Извор: МИА