Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата не видела никакви промени во нуклеарната поставеност на Русија по најавата на претседателот Владимир Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.

Advertisements

„Досега не видовме никакви промени во нивната нуклеарна поставеност, што би барало каква било промена во нашата нуклеарна поставеност“, изјави Столтенберг за новинарите во седиштето на НАТО во Брисел, пренесе Ројтерс.

Столтенберг побара „итно ослободување“ на американскиот новинар Еван Гершкович, кој е приведен во Русија под сомнение дека шпионирал.

„Неговото апсење предизвикува голема загриженост. Важно е да се почитува слободата на печатот, правата на новинарите и правото да поставуваат прашања и да ја вршат својата работа“, рече тој.

На 25 март Русија постигна договор со соседна Белорусија за распоредување тактичко нуклеарно оружје на нејзина територија, рече рускиот претседател Владимир Путин.

Ваквиот потег нема да ги прекрши обврските од договорот СТАРТ, рече Путин и додаде дека Америка поставила нуклеарно оружје на територијата на европските сојузници.

Путин истакна дека изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ќе биде завршена на 1 јули и додаде дека Русија помогнала да се модернизираат белоруските воени авиони за да можат да носат нуклеарно оружје.

Рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов синоќа изјави дека руското тактичко нуклеарно оружје ќе биде распоредено во близина на границата на Белорусија со соседите од НАТО.

Гризлов, говорејќи на белоруската државна телевизија, рече дека руското нуклеарно оружје ќе биде „поставено поблиску до западната граница на нашата сојузничка држава“, но не даде прецизна локација.

„Тоа ќе ги прошири нашите одбранбени способности и тоа ќе биде направено без оглед на вревата во Европа и САД“, додаде Гризлов, пренесе АП.

Белорусија дели 1.250 километри граница со членките на НАТО – Летонија, Литванија и Полска.

Тактичкото нуклеарно оружје има релативно мал дострел и значително помала моќност во споредба со нуклеарните боеви глави што се вградени во стратегиските ракети со долг дострел.