Од Сараево генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја започна мини-балканската турнеја. На официјалната веб страница на Алијансата не се споделени целите на посетата на Столтенберг на регионот. Тој во Босна и Херцеговина изрази загриженост за руското влијание во земјата и ги повика политичките лидери на единство. Столтенберг порача дека НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина.

„Ние сме загрижени од реториката на сецесионизам и поделби и малигното надворешно мешање, вклучително и од Русија. Ова се заканува на поткопување на стабилноста и ги попречува реформите… Вашата сигурност е од големо значење за регионот на Западен Балкан, но и за цела Европа“, рече Столтенберг.

По Сараево, Столтенберг замина за Приштина, а утре изутрина е во Белград. Потоа попладнето во Скопје се среќава со премиерот Димитар Ковачевски. Ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.

Столтенберг во земјава ќе биде и во четврток. Тој во Скопје ќе одржи заедничка средба со лидерите од земјите-членки на НАТО од регионот, односно албанскиот премиер Еди Рама, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, како и премиерите на Црна Гора и на Словенија, Милојко Спаиќ и Роберт Голоб.

Турнејата на Столтенберг коинцидира со предупредувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски од пред некој ден кога рече дека Русија ќе поттикне нови кризи на Балканот. Тој повика да се зголеми вниманието во регионот и да се преземат мерки за да не дојде до нова експлозија.

Во меѓувреме и помошник државната секретарка за одбрана на САД, Селест Валандер минатата недела од Скопје рече дека мора да се поддржи евроатлантската интеграција на сите земји-аспиранти од Западен Балкан. Таа најави засилена соработка во борбата против дезинформации кои, како што рече, имаат за цел да создадат несигурност и засилено политичко влијание на Русија.

Лука Андреев