Иако и НАТО и Русија велат дека избегнуваат директен воен судир, на границите се распоредуваат дополнителни воени сили. САД неделава распореди два система за противракетна одбрана во Полска, поради, како што соопштија, загриженоста од прелевање на конфликтот од Украина во земјите-членки на НАТО, а денеска рускиот претседател Путин пред членовите на Советот за безбедност најави можно зголемено воено присуство на западните граници на државата.
„Во однос на зајакнувањето на западните граници на Руската Федерација, како одговор на чекорите што таму ги преземаат земјите на НАТО, треба состојбата посебно да се разгледа. Ве молам да подготвите посебен извештај и да го презентирате. Врз основа на резултатите, во блиска иднина ќе донесеме соодветна одлука“, рече Путин.
Во меѓувреме, руското нуклеарно оружје сѐ уште е на висока готовност, поради, како што образложи Путин, агресивните изјави од западните лидери. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пак, од Дипломатскиот форум што се одржува во Анталија, предупреди дека ескалирањето на конфликтот надвор од границите на Украина ќе предизвика уште повеќе смртни случаи.
„Руската нуклеарна реторика е опасна и непромислена. Алијансата нема да испраќа војници и авиони во Украина. Имаме одговорност да превенираме овој конфликт да прерасне во целосна војна НАТО-Русија“, рече Столтенберг.
Поранешниот врховен командант на силите на НАТО, Весли Кларк, одговарајќи на новинарско прашање, не ја отфрли можноста од директен судир.
„Ако се повлечеме и се исплашиме од заканата на Путин со нуклеарното оружје и ништо не направиме за да ѝ помогнеме на Украина, тогаш ќе се справуваме со следна битка на територијата на НАТО“, рече Кларк.
Украинските власти денеска соопштија дека руските сили нападнале институт во Харков, во кој се наоѓа експериментален нуклеарен реактор и ја обвинија Москва за вршење „нуклеарен тероризам“. Од Меѓународната агенција за атомска енергија вчера изразија жалење што Киев и Москва не постигнале договор за заштита на нуклеарните капацитети во Украина.
Лука Андреев