Зголемувањето на ковид позитивните пациенти периодов се должи на зголемената раздвиженост, мал процент на вакцинирани против коронавирусот и опаѓање на имунитетот, изјави за МИА директорката на Универзитетска Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ.
Во моментов, како што информираше хоспитализирани се десет пациенти на Инфективната клиника и само неколку се со тешка клиничка слика.
-Тоа што може да се забележи е дека за разлика од претходните денови, сега има по 20 пациенти дневно за преглед, вели Стевановиќ.
Апелот на директорката е дека е потребно се зголеми процентот на вакцинирани лица, бидејќи повеќе од јасно е дека вакцините даваат заштита и полесна клиничка слика доколку се дојде во контакт со вирусот.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во период од 1 до 3 јули, од 1 695 тестирања, регистрирани се 290 нови случаи на КОВИД-19, од кои најмногу се од Скопје-186.
Од вкупниот број позитивни лица, 49 се реинфекции. Оздравени се 250 пациенти, а не е пријавено ниту едно починато лице.
Во моментов, активни се 935 случаи на коронавирусот. Согласно податоците од ИЈЗ, најголем број од активните случаи се во главниот град, и тоа 536, потоа во Битола – 59 и 42 во Куманово. Без ниту еден активен случај се Валандово, Кратово, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево и Дојран.
Препораките од Комисијата за заразни болести остануваат исти како и досега. Комисијата препорачува граѓаните да бидат совесни и да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце.
Засега во сила останува само обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.