Во сабота во Белград ќе се одржи голем протест, на кој граѓаните се поканети од студенти, што српската влада го смета за обид за насилно соборување на власта.
Српскиот парламент ги извести пратениците и вработените дека од денеска до 16 март на полноќ ќе бидат затворени зградите на Собранието од безбедносни причини.
Во известувањето е наведено дека генералниот секретар на Собранието врз основа на безбедносната проценка на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се избегне каков било, макар и минимален простор за потенцијални провокации и конфликти, донел одлука за затворање на зградите на Собранието, поточно Домот на Народното собрание и зградата на Народното собрание, пренесува ФоНет.
Одлуката е донесена „само од безбедносни причини, со цел да направиме се што е во наша моќ најавениот митинг на 15 март во Белград, пред Народното собрание, да се одвива без никакви инциденти“, се наведува во соопштението, во кое се повикуваат сите да направат се за протестот во сабота да помине мирно и без никакви инциденти.
Адвокатот Стефан Јањиќ, пратеник и генерален секретар на Србија центар, изјави дека Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ, преку „незаконската одлука на генералниот секретар на Народното собрание, Срѓан Смиљаниќ“ да им забрани на пратениците да влезат во зградата на Парламентот, штотуку извршила еден вид државен удар во Србија.
„Никој не може да им забрани на пратениците да влезат во Собранието, особено не на назначеното лице кое е одговорно за организирање на работата на стручните служби и за набавка на тоалетна хартија. Јасно е дека наредбата за прекршување на Законот за Народно Собрание ја издаде Ана Брнабиќ, која ги спроведува налудничавите идеи на Александар Вучиќ. Овој чин го означи завршувањето на таканаречениот државен удар „одозгора“, специфичен облик во кој највисокиот носител на државната власт ја узурпира власта на незаконски и неуставен начин. Диктатурата ќе биде нејзина последица“, нагласи Јањиќ, пренесува „Ал џезира“.
Во сабота во Белград ќе се одржи голем протестен митинг, на кој граѓаните се поканети од студенти, што српската влада го гледа како желба за насилно рушење на државните институции.
Србија веќе четири месеци е блокирана од студентските протести поради смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Студентите бараат казна за одговорните како и поголемо владеење на правото во државата.
Студенти од градовите низ Србија пеш одат кон Белград на големиот протест в сабота. Тие не се сами во својата потрага. По нив следат и средношколци, просветни работници и работници од различни сектори.
Текстот Српскиот парламент затворен за прaтениците и вработените: „Ова е државен удар“ е превземен од МАКФАКС.