Веќе трет ден во северните општини на Косово продолжуваат протестите на Србите кои се спротивставуваат на избраните градоначалници Албанци на изборите одржани на 23 април. Во Звечан беа искршени стаклата на полициско возило.
Освен овој инцидент, протестите во сите делови на земјата денеска продолжија мирно. Беа поставени џиновски српски знамиња во Звечан и Зубин Поток. Србите инсистираат на повлекување на косовската специјална полициска единица и заминување на градоначалниците Албанци.
Од друга страна, српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, изјави дека безбедносната ситуација во северно Косово е многу опасна и ги повтори обвинувањата дека виновни за ситуацијата се властите во Косово.
„Српската армија е подготвена да ја изврши секоја задача и од политичка гледна точка Србија утврди кои се црвените линии кога се наоѓа во ситуација кога ѝ се загрозуваат витални национални и државни интереси. Зборуваме за – не дај Боже – сценарија во кои некој убива Срби“, рече Вучевиќ.
Свој коментар за распоредувањето на српската војска денеска даде албанскиот премиер Еди Рама, според кого српската армија на границата на Косово има моќ еднаква на нула.
„Се фокусирав на она што беше напишано. Српската армија на границата. Ова е најневеројатниот приказ на внатрешната политика, бидејќи српската армија на границата со Косово има моќ еднаква на нула. Исто е како мексиканската војска да се појави на границата со САД. Што може да направи? Со должна почит, бидејќи го сакам Мексико, но она што може да направи е ништо, апсолутно ништо. Тоа е за внатрешна политика“, рече Рама.
Косовската Академија на науките и уметностите изрази загриженост за ситуацијата во северот коментирајќи дека станува збор за „проруски политики што ги спроведуваат поддржувачите на криминалните банди, официјален Белград и претседателот Александар Вучиќ“. Во соопштението, од косовската академија велат дека Србија останува дестабилизирачки фактор во регионот и ги осуди актите на насилство на северот како резултат на кои 30 војници на мировната мисија на КФОР беа повредени.
Шкелзен Аќифи