Промената на границите нема да биде прифатлива за САД, изјави членот на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ по средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања како и пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Проценката на Ескобар е дека се што се случува во Босна е вештачка криза и нема реална основа. САД го поддржуваат членството на Западен Балкан во Европската Унија што е можно поскоро“, рече Комшиќ.
Тој додаде дека на средбата не се разговарало за можни санкции против одредени политичари во Босна, но фокусот на разговорите бил борбата против корупцијата и криминалот. Милорад Додиќ, член на босанското претседателство, неодамна се закани дека ќе ја отстрани Република Српска од националните институции, како што се даночната управа, агенцијата за лекови и војската.