Српската заедница протестираше на северот на Република Косово, против, како што рекоа, кршењето на бриселскиот договор од страна на премиерот Албин Курти, за неодржување српски избори на територијата на Косово. Илјадници Срби застанаа зад првиот човек на Српската листа, Горан Ракиќ, кој рече дека по одлуките за суспензија на претседателот на Основниот суд во Митровица и забраната на правото на глас, сите Срби на Косово ќе ги бојкотираат државните институции.
Горан Ракиќ, претседател на Српската листа -„Испраќам порака до Албин Курти, косовската полиција дека нема да не заплашите. Ние не бараме ништо повеќе од тоа што имаат Албанците во Косово. Сакаме мир. Сакам да истакнам дека за прв пат не постигнавме договор со претседателот Александар Вучиќ, за да ги напуштиме институциите на Косово. Ние го побаравме истото и денес, но тој побара од нас да не го правиме тоа. Сакам да нагласам дека сите Срби кои работат во косовските институции, вклучително и полицијата, ќе ја прекинат работата до враќањето на Лилјана Стевановиќ.
Протести имаше и во Грачаница кои завршија за неколку минути, без политички говори.
Премиерот Албин Курти во текот на денот испрати писмо до амбасадорот на Европската унија во Косово, во врска со одржувањето на српските избори на Косово на 3 април. Toj рече дека е жално што додека Косово работи со добра волја со ЕУ и земјите од КВИНТОТ за изнаоѓање заемно прифатливо решение меѓу владите, Србија се обидува да подготви и организира избори на Косово како да не постои Влада на Косово.
„Белград го користи терминот „гласачи со право на глас“ за косовските Срби со двојно државјанство. Но, ова е според цивилниот регистар формиран и од нелегалните општински структури на Србија на Косово, со што се прекршуваат Уставот и нашите закони. Важно е овој напор да не биде легитимиран од властите на ЕУ или ОБСЕ“, се наведува во писмото од премиерот Курти упатено до евроамбасадорот Томас Сзуњог.
Државите на КВИНТ-от и Европската унија изразија загриженост за ризикот од ескалација на ситуацијата на Косово со започнувањето на најавените протести на северот на земјата.
„Шефовите на мисиите на Франција, Германија, „Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Европската Унија ги земаат предвид демонстрациите планирани денес, и изразуваат загриженост за ризикот од ескалација или насилство. Граѓаните имаат право на мирно собирање, како и одговорност да обезбедат таквите собири да бидат мирни и ненасилни. Меѓу нашите заеднички демократски вредности се правото на мирно собирање и правото на слушање на нашиот глас, права за кои владеењето на правото е одговорно да ги штити“, се вели во писмото од КВИНТ.
Судијката во Основниот суд во Митровица, Љиљана Стевановиќ е суспендирана со одлука на Косовскиот судски совет, по нејзиното учество во Советот за безбедност на Србија и средбата со претседателот Александар Вучиќ. Косовскиот судски совет соопшти дека одлуката е донесена без никакво политичко влијание. Во меѓувреме, полицискиот инспекторат на Косово покрена постапка против сите припадници на полицијата кои учествуваа и на состанокот на Советот за безбедност во Србија. Парламентарните и претседателските избори во Србија ќе се одржат на 3 април.
Адријан Керими