По предлог на НУ Народен театар – Битола и директорот Васко Мавровски, доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинешна добитничка на престижната награда за животно дело, која традиционално ја доделува Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
На свеченото отворање на 59. издание на фестивалот, ова значајно признание ѝ беше официјално врачено, проследено со долготраен аплауз и силни емоции. „Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното“, истакна Михајлова, видливо трогната од признанието.
Во своето обраќање таа се наврати на својата долга и плодна кариера: „Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене се возбудлива авантура на умот, на срцето. Како што театарот има и светла и темна страна. Светлата – предизвикувачка, потрага по сценска вистина, креирање лик. А темната страна – предизвикувачка на поинаков начин, бидејќи во земја како Македонија, таа постојано е предизвикана од промени, трансформации, кои неизбежно оставаат и белег и лузна – и врз срцето, и врз умот.“
Соња Михајлова е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар, туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Михајлова е е родена на 14 октомври 1958 во Битола. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена на Народен театар Битола и надвор од неа, во претстави и театарски дела.
Покрај Михајлова, награди за животно дело добија и Снежана Коневски-Руси, и Гоце Тодоровски. Тие добија награди изработени од прилепски мермер од „Крин про“ од Прилеп. Фестивалот беше отворен со изведбата на „12“ во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар.
Текстот Соња Михајлова – лауреатка на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ е превземен од МАКФАКС.