Од партијата предводена од бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ги потврдија веќе познатите барања на Софија за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава. Ова следува по заканата на коалициските партнери дека се подготвени да ја напуштат Владата доколку се направи отстапка. Според пратеникот Петар Куленски, пишувањата на Слави Трифонов дека Петков направил договор и договорил одблокирање на стартот на преговорите до јуни, се обвинувања без никакви факти или докази.
„Позицијата на Бугарија по темата Република Северна Македонија останува непроменета. Ние се придржуваме до Договорот за добрососедство од 2017 година. Нема да правиме компромис со тоа. Единствено што беше направено е да бидат создадени редица работни групи во определени сфери, како економија, туризам и култура, каде можеме да бараме напредок меѓу двете земји“, изјави Петар Куленски – пратеник од „Продолжуваме со промената“
Бугарската опозиција пак, инсистира претседателот на државата Румен Радев повторно да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за прашањето за Македонија, за да се потврдат ставовите на Софија. Од партијата на поранешниот премиер Борисов сметаат дека разногласието во Владата ја минира бугарската преговарачка позиција.
„Да не зборуваме воопшто пак, ако некој си дозволил да вети, а на практика да ги излаже нашите европски партнери дека има промена во бугарската позиција, а такво нешто да нема… Имајте предвид дека тоа ќе се одрази на патот на Македонија кон ЕУ… Ако такво нешто се случило тоа значи дека некој го минирал самиот процес на проширување на ЕУ, што е многу поголемо прашање од тоа дали Бугарија ќе ја пушти Македонија…“, изјави Тома Биков – пратеник од ГЕРБ
Додека во Софија го обвинуваат Петков дека ќе потпадне на надворешен притисок и ќе даде зелено светло за преговарачкиот процес на земјава, премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за МИА, вели дека Унијата има интерес за забрзување на процесот на проширување, особено по случувањата во Украина.
„Декларативно Европската Унија сака да го забрза тој процес. Исто така, и сите изјави на претставниците на САД се во таа насока. Сепак, пред нас има предизвик и отворени политички прашања со соседна Бугарија, коишто треба да се решат прво, а секако да се решат во духот на европските вредности и потоа можеме да зборуваме за одржување на прва меѓувладина конференција“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата
Ковачевски повтори дека во моментов дијалогот Скопје-Софија е на ниво на размена на идеи и се уште нема заемно прифатлив документ. /Алсат.мк
Лука Андреев