Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ денеска се среќаваат во Луксембург каде ќе разговараат за ситуацијата во Шенген зоната, импликациите од ситуацијата на Блискиот Исток за внатрешната безбедност во ЕУ и миграцијата.
Се повеќе земји воведуваат гранични контроли во Шенген зоната поради големиот број илегални мигранти.
Италија најави дека поради променетите околности во Европа и на Блискиот Исток ќе воведе надзор на границата со Словенија. Следствено, во Словенија се најавува дека ќе воведат контроли на границите со Хрватска и со Унгарија.
Италија ја извести Словенија дека првично ќе воведе гранични контроли за десет дена со можност за продолжување. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси го информирал својот словенечки колега Боштјан Поклукар дека суштината на воведувањето на оваа привремена мерка е спречување на тероризмот и организираниот криминал.