Челниците на земјите членки во Европската Унија (ЕУ) денеска и утре ќе одржат Самит во Брисел на кој, меѓу другото, ќе се разговара за конфликтот на Блискиот Исток. На состанокот, како што најавил претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се очекува да се осудат нападите на милитантната група Хамас и да се признае правото на Израел да се брани согласно меѓународното хуманитарно право.
Дополнително, се очекува ЕУ да го повтори повикот за итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Во најавата за Самитот, Мишел посочил дека лидерите на ЕУ треба да разговараат за итно обезбедување и испорака на хуманитарна помош за жителите на Појасот Газа, додавајќи оти Унијата мора да се вклучи во „обединет и кохерентен фронт“ со своите партнери за да се избегне опасна регионална ескалација на конфликтот.
Во поканата до шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, претседателот на Европскиот совет посочил оти состанокот се одржува во време на голема глобална нестабилност и несигурност која е дополнително влошена од случувањата на Блискиот Исток. Мишел оценил дека Европскиот совет треба да се осврне и на ефектите од конфликтот врз ЕУ, а особено неговите импликации врз европските општества и безбедност.