Во Доха почнаа преговорите за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Појасот Газа, јави Си-ен-ен, повикувајќи се на неименуван извор.
Претходно медиумите објавија дека главните преговарачи од САД, Израел и Катар треба да започнат преговори во недела.
Ова е прва рунда разговори на високо ниво по повеќе од два месеци, а според Си-ен-ен, американските власти се залагаат за обновување на разговорите по убиството на еден од лидерите на Хамас, Јахја Синвар.
Египет претходно предложи дводневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за време на кој четворицата израелски заложници ќе бидат ослободени.
Тој предлог би вклучувал и ослободување на неколку палестински затвореници и испорака на хуманитарна помош за Појасот Газа.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш повторно повика на итен прекин на огнот, велејќи дека израелските воени операции во северниот дел на Појасот Газа го прават животот на палестинското население неодржлив.
Текстот Си-ен-ен: Започнаа преговорите меѓу САД, Израел и Катар за прекин на огнот во Појасот Газа е превземен од МАКФАКС.