Експертите од Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупредија дека континуираната администрација на бустер дози не е добра стратегија во борбата против новите варијанти на ковид-19 и ги повикаа научниците да работат на развој на вакцини кои подобро штитат од нови соеви.
„Стратегијата на вакцинација базирана на дополнително давање дози од оригиналниот состав на вакцината веројатно нема да биде соодветна или одржлива“, се вели во соопштението на експертската група на СЗО, пренесе АФП.
СЗО наведува дека прелиминарните податоци покажуваат дека постоечките вакцини во случајот со варијантата омикрон се помалку ефикасни во спречувањето на симптоматска болест, додавајќи дека сегашните вакцини и понатаму обезбедуваат значителна заштита од потешки форми на болеста.
Експертите сметаат дека „се потребни и треба да се развијат вакцини против ковид-19 кои имаат висок ефект на спречување на ширењето на инфекцијата и нејзина превенција, притоа спречувајќи тешки форми на болеста и смрт“.
Ова ќе овозможи да се ограничи влијанието на ковид-19 во здравствена смисла, но и да се намали „потребата од ригорозни епидемиолошки и социјални мерки од широк опсег“.
„Во очекување на вакви вакцини, а во согласност со развојот на вирусот САРС-КоВ-2, можеби ќе треба да се прилагоди составот на сегашните вакцини против ковид-19 за да се осигури дека и понатаму ќе обезбедуваат ниво на заштита против зараза и заболување од варијанти на вирусот“ вклучително и омикрон, веруваат тие.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.