Советодавниот панел на Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше новиот вид на Ковид-19, откриен во Јужна Африка, како „загрижувачки“ и високо пренослив вирус и го нарече Омикрон. Тоа е првпат за неколку месеци СЗО да класифицира нов вид на вирус како таков. Во истата категорија е и делта сојот што стана најзастапен во светот.
-Сојот B.1.1.529 првпат беше пријавен до Светската здравствена организација од Јужна Африка на 24 ноември 2021 година. Тој сој има голем број мутации, од кои некои се загрижувачки, изјавија група експерти задолќжени од СЗО да следат развојот на К-19. Според Панелот раните податоци покажуваат дека овој вид има зголемен ризик од реинфекција.
Медицинските експерти, вклучително и СЗО, предупредија да не се реагира премногу набрзина пред подобро да се разбере овој вид.
Европскиот регулатор соопшти дека е премногу рано да се размислува за адаптација на вакцината кон таа варијанта на Ковид-19, поради што некои земји ги прекинаа летовите од Јужна Африка.
Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека се потребни повеќе информации за да се процени дали новиот сој, што се појавува во „многубројните мутации“, е отпорен на четири вакцини одобрени за употреба во Европската унија.
„Внимателно ја следиме варијантата Б.1.1.529, која неодамна се појави и има бројни мутации во протеинот на ковид-19“, соопшти ЕМА со седиште во Амстердам.
Досега наречена B.1.1.529, нова варијанта е откриена во Јужна Африка и има повеќекратни мутации е потенцијално многу заразна, според јужноафриканските научници кои сметаат дека е почеток на нов пандемски бран.
-Во моментов е премногу рано да се предвиди адаптацијата на вакцината…за да се бориме против оваа нова варијанта, наведе европскиот регулатор. Меѓутоа, „доколку новата варијанта се покаже дека е имуна и брзо се шири…, јасно е дека ќе биде неопходно да се стори тоа“, наведуваат тие.
Белгија е првата европска земја која откри еден случај на нова варијанта.
Европската комисија им предложи на земјите-членки да ги прекинат летовите од Јужна Африка до таа земја, како и кон другите земји во кои се појави, а членките се согласија привремено да прекинат патувања од Јужна Африка во ЕУ.
Светската здравствена организација ги предупреди државите да не брзаат со воведување ограничувања за патување на новата варијанта Б.1.1.529 и ги повика да преземат „научен и заснован на ризик пристап”.
Властите ширум светот алармантно реагираа на појавата на оваа варијанта, која беше откриена во Јужна Африка, па така ЕУ и Британија се меѓу оние кои воведоа гранични контроли додека научниците се уште не го утврдат степенот на отпорност на овој вид на вакцини.
-СЗО препорачува земјите да продолжат да применуваат пристап заснован на ризик и научен пристап во одлуката за воведување мерки за патување, изјави портпарол на СЗО.
Ќе бидат потребни неколку недели за да се утврди степенот на зараза на новата варијанта и ефективноста на вакцините и лековите против неа, додаде тој.
Тој смета дека луѓето треба да продолжат со вообичаените хигиенско-епидемиолошки мерки како носење маска, избегнување собирање, вентилација итн.
Мајк Рајан, директорот за итни случаи на СЗО, ги пофали здравствените установи во Јужна Африка што ја пријавија варијантата до агенцијата на ОН на 11 ноември. Но, тој предупреди на минатите искуства, а „особено кога станува збор за Јужна Африка“, потсетувајќи дека штом се спомна новата варијанта, „веднаш сите ги затворија границите и го ограничија патувањето“.
Мариа ван Керхове, шеф на техничкиот оддел на СЗО за ковид-19, рече дека новата варијанта има речиси 100 мутации. „И кога имате толку многу мутации, тоа може да има ефект врз тоа како се однесува вирусот“, рече таа.
Јужноафриканската Република оцени дека забраната за патување воведена поради новата варијанта на коронавирус е неоправдана, откако Велика Британија забрани слетување на авиони од некои земји во Јужна Африка, пример што набрзо го следеа и други земји.
Министерот за здравство Џо Фахала изјави дека Јужна Африка е транспарентна и дека забраната за патување е спротивна на стандардите на Светската здравствена организација.
Новата варијанта на коронавирусот идентификувана во Јужна Африка е најзагрижувачката што сме ја виделе досега, изјави главниот медицински советник на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија, д-р Сузан Хопкинс.
Таа истакна дека вредноста Р во Гаутенг, каде што е пронајдена новата варијанта, сега е два, што е „навистина е прилично висока“.Вредноста Р е просечниот број на инфицирани луѓе од едно заразено лице. Така, во Гаутенг, секој инфициран го пренесува вирусот на уште две лица.
– Не сме виделе такви нивоа на пренос уште од самиот почеток на пандемијата поради сите мерки за ублажување и чекори што ги презедовме. Значи, тоа би предизвикало голем проблем ако имате толку висок пренос со овој тип на вирус, во популација каде што може да ги избегне имунолошките одговори, посочи д-р Хопкинс.
САД соопштија дека ограничуваат патувања од осум јужноафрикански земји поради стравувањата од нова варијанта на Ковид-19 откриена во Јужна Африка.
Патувањата ќе бидат главно забранети почнувајќи од понеделник од Јужна Африка, Боцвана, Зимбабве, Намибија, Лесото, Есватини, Мозамбик и Малави, изјави висок функционер во администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Само американските граѓани и постојаните жители се уште ќе можат да патуваат од осумте земји, додаде официјалниот претставник.
„Потегот е спроведен поради претпазливост од новата варијанта на Ковид-19 што циркулира во Јужна Африка“, рече официјалниот претставник.
Министерот за здравство на Канада Жан-Ив Дуклос соопшти дека државата ограничува патувања од седум земји во јужна Африка, регион кој пријави случаи на нова – и можеби позаразна – варијанта на Ковид-19. Почнувајќи од денеска, на сите странски државјани кои патувале од Јужна Африка, Намибија, Зимбабве, Боцвана, Лесото и Мозамбик во последните 14 дена ќе им биде забранет влезот во Канада.
На канадските граѓани и на постојаните жители ќе им биде дозволено да се вратат дома од овие земји, но од нив ќе се бара да ги чекаат резултатите од тестот по пристигнување во хотел.
Доколку тестот е негативен, патниците кои се враќаат ќе бидат во карантин 14 дена дома.
Земјите-членки на ЕУ се согласија времено да бидат прекинати патувањaта од Јужна Африка кон Унијата, откако беше откриена нова варијанта на коронавирусот, објави словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.
Комитетот, кој обединува здравствени работници од 27 земји-членки, „се согласи за потребата да се активира сопирачката за итни случаи и да се воведат времени ограничувања за сите патувања од Јужна Африка до ЕУ, соопшти словенечкото претседателство на Твитер.
Сите земји-членки, исто така, се повикани да ги тестираат сите патници кои доаѓаат од тие држави и да воведат задолжителен карантин. Претходно, Европската комисија им предложи на земјите-членки на ЕУ да се прекинат летовите од Јужна Африка и другите земји каде што е откриена нова варијанта на коронавирусот.
– Авиосообраќајот со овие земји треба да биде суспендиран додека не дознаеме каква опасност претставува новата варијанта. Патниците кои се враќаат од овие области мора да ги почитуваат строгите правила за карантин, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.